Новости
среда, 20 јуни 2018 16:57
15-тиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација се одржа на 19 и 20 јуни 2018 година во Скопје. Со состанокот копретседаваа г-а Калинка Габер, државен секретар во Секретаријтот за европски прашања и г. Дејвид Кален, раководител на одделение во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија.
Европската комисија ги повтори пораките на Високиот претставник/Заменик претседателот Могерини и комесарот Хан, честитајќи им на премиерите Ципрас и Заев за нивната одлучност и лидерство во постигнување на историскиот договор за прашањето за името помеѓу двете земји, што придонесува кон преобразба на целиот регион.
КСА сеопфатно ја разгледа состојбата во однос на политичките и економските критериуми, усогласувањето со законодавството на ЕУ (acquis), како и спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Националните органи обезбедија преглед на напредокот на реформите и напорите за одржување и продлабочување на тековната реформска динамика, особено во важните области, како што се судството, утврдување одговорност за прислушувањето, реформата на разузнавачките служби, реформата на јавната администрација, борбата против корупција, почитувањето на фундаменталните права, изборните реформи и слобода на медиумите. Властите ја потврдија својата заложба да ги направат сите неопходни напори за обезбедување на инклузивност и транспарентност на процесот, заедно со сите засегнати страни во општеството.
Националните власти нагласија дека Планот 3-6-9 беше успешен за утврдување на траекторијата за долгорочен, одржлив напредок преку усвојување на потребните стратегии и законодавство. Тие информираа дека Владата во моментов изготвува План 18 за да ги адресира клучните приоритети и препораките од Извештајот на ЕК од 2018 година. Ревизијата на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија како сеопфатна платформа за реформската агенда за ЕУ и подготовка за присатпаните преговори, ќе обезбеди дополнително продлабочување на динамиката на реформите.
Европската комисија ја повтори препораката од 17 април за отворање на преговори за членство, имајќи го предвид напредокот што го постигна земјата, а за што Советот ќе дискутира на крајот на јуни.
Европската комисија ја истакна важноста за постигнување напредок во усогласувањето со законодавството на ЕУ, особено во однос на внатрешниот пазар, како и потребата да се исполнат другите меѓународни обврски, на пример, во делот на енергетика и транспортна поврзаност. Двете страни го поздравија претстојното преминување во Втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација.