Новости
петок, 01 октомври 2021 01:48
Агендата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров во Стразбур беше заокружена со средба со германскиот пратеник од редовите на политичката партија СПД, Јосип Јуратовиќ, на маргините на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
На средбата беше разговарано за европската перспектива на Северна Македонија и регионот како заедничка стратешка цел, за што е потребно да се преземат одлучни чекори за надминување на непринципиелните барања и да се обнови кредибилитетот на политиката на проширување.
Димитров: „Периодот што претстои е одлучувачки за иднината на процесот на европска интеграција на регионот - Европската Унија е на тест дали ќе опстои како партнер на прогресивните сили кои се залагаат за европската визија или со своето делување односно неделување ќе остави простор на компетитивните идеи поради кои сите сме губитници. Северна Македонија се залага за тоа сите страни да постигнат заедничка победа и е клучното прашање од овој тест.“
Пратеникот Јуратовиќ кој ќе има нов мандат во Бундестагот, нагласи дека Германија и понатаму останува проактивна особено во однос на европското досие на Северна Македонија како светол пример и силно ќе се залага за надминување на пречките и пробив на евроинтегративниот пат.