Новости
четврток, 15 април 2021 03:03
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, ја заокружи еднодневната работна посета на Австрија со средба со федералниот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг.
Димитров нагласи дека прашањето за отпочнување на преговорите на земјата за полноправно членство во ЕУ има силни геополитички импликации за Унијата како проект за европско обединување и укажа на загриженоста за негативното влијание на секое понатамошно одолговлекување на пристапните преговори врз кредибилитетот на ЕУ во регионот, а со тоа и на улогата на Унијата како глобален актер.
Димитров: „Ова е клучен момент за постигнување чекор напред во евроинтегративниот процес на Северна Македонија со ЕУ што би значело и преточување на интересот на Австрија - како непосреден сосед на регионот на Западниот Балкан, во конкретен резултат базиран на објективно вреднување на копенхашките критериуми.”
Министерот Шаленберг ја поздрави посветеноста на земјата во спроведување на реформите кои значат вистинско приближување кон европските стандарди и нагласи дека поддршката и интересот на Виена за заеднички успех е сосема јасна.
џ
Соговорниците разменија мислења за продлабочување на билатералната соработка која што се одвива во рамки на континуирана техничка помош, но и преку економската и инвестициската рамка, како и хуманитарната помош во контекст на КОВИД-19 кризата. Димитров се заблагодари за солидаризирањето на Австрија со регионот уште од самиот почеток на здравствената криза.
„Во овие тешки времиња кои ги предизвика пандемијата, пријателската помош е повеќе од добредојдена, и во тој контекст би сакал да упатам благодарност за континуираната политичка и економска поддршка, но и значајната помош за секторот здравство од Австрија,“ истакна Димитров на средбата.
На средбата се разговараше и за актуелните случувања во регионот.