Новости
петок, 12 февруари 2021 02:05
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, денес учествуваше на состанокот на парламентарната група за соработка меѓу Северна Македонија и Литванија, посветен на унапредување на соработката во однос на процесот на европската интеграција на Северна Македонија.
Вицепремиерот Димитров се осврна на воспоставената соработка со Литванија во Вилнус групата, како платформа за поддршка на процесот на пристапување кон НАТО: „Тогаш се договоривме да работиме сите заедно на патот кон членство во НАТО, па со влезот на Северна Македонија во НАТО се заокружи целта на оваа соработка“ – истакна Димитров, додавајќи дека соработката сега треба да продолжи во процесот на пристапување во Европската Унија.
Пред литванските парламентарци, тој се осврна на историјатот на европската интеграција на Северна Македонија и пречките кои повеќе од една деценија ја оставија нашата држава во чекалната на ЕУ, но конечно доби зелено светло во март минатата година. Го потенцираше и внатрешниот реформски процес за европеизација на земјата: „Досието на Северна Македонија во Брисел беше кристално чисто и неусловено, но сепак и покрај силните заложби на германското претседателство формалното отворање на преговорите во рамки на меѓувладина конференција сѐ уште не се случи поради несогласувањето на една држава.“ – рече Димитров.
Димитров укажа на цврстиот став за натамошна посветеност на внатрешниот реформски процес: „Европеизацијата ни е потребна за да ја донесеме Европа дома“ и посочи дека процесот на пристапување е потребен токму како алатка за реформи. Побара поддршка од пријателска Литванија за процесот на проширување, истакнувајќи дека всушност станува збор за комплетирање на Европа: „Почетокот на преговори на Северна Македонија со ЕУ ќе биде успех и за нашата држава, но и за сите земји-членки и самата ЕУ“- заврши Димитров.