Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров денеска имаше воведно обраќање на он-лајн конференцијата насловена: „ Земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ - Предизвици и можности за европската интеграција на земјите од Западен Балкан“, во организација на Европскиот балкански фонд, BiEPAG и Данскиот институт за надворешна политика, каде заедно со дански политичари, експерти од регионот и претставници од ЕУ и европските тинк-тенк организации дебатираа на прашањата за тоа како може ЕУ да обезбеди заштита на владеењето на правото во ЕУ и меѓу земјите од регионот и дали политиката на ЕУ го даде посакуваниот ефект во земјите кандидатки за пристапување, како и за статусот на процесот на проширување на земјите од Западен Балкан.
Во контекст на темата на панелот „Што е Европа“ на која што вицепремерот Димитров се обрати како главен говорник, тој потенцираше дека „постојат два магнети кои ги привлекуваат македонските граѓани кон Европската Унија. Првиот е просперитет и е поврзан со заедничкиот европски пазар. Вториот е европските вредности како што се демократијата, владеењето на правото, независни судии, борба против корупцијата, отчетност, слободни медиуми, чист воздух и вода. Секогаш кога се прават компромиси во однос на вториот магнет, ЕУ станува помалку привлечна. – рече Димитров.
На прашањето „Што е потребно за Бугарија да го смени својот став во однос на Северна Македонија?“, ЗПВ Димитров истакна:
„Нема да престанеме со напорите. Остануваме посветени да најдеме излез, но само во рамките на тоа што е можно. Ние сме целосно посветени на обврските што произлегуваат од Договорот за добрососедство, но не можеме да зборуваме или да преговараме за јазикот или идентитетот. Јазикот не може да биде пречка за пријателство ако тоа пријателство се заснова на заемна почит и ние ќе продолжиме да ги убедуваме нашите соседи во Софија дека тоа е така. Не е мудро историјата да стане предмет на разговор меѓу политичарите; тоа треба да им се остави на историчарите. Не можеме да ја смениме историјата, но можеме да го промениме денес и утре.“