Новости
вторник, 23 февруари 2021 11:45
Државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања Калинка Габер денес учествуваше на состанок на високо ниво со директоратите на Европската комисија за приоритетите во Програмата за економски реформи 2021-2023 година.
„Програмата за економски реформи е клучен документ во контекст на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ со цел да се подобри координацијата на нашите макроекономски политики и рационализирање на структурните реформи како дел од нашата подготовка за предизвиците од членството во ЕУ и учеството на Европскиот семестар“, посочи Габер, додавајќи дека според новата методологија за пристапување, ERP е камен-темелник на процесот на економско управување, вклучен во економските критериуми и дека правилното спроведување и следење на мерките за реформа на ERP ќе влијае на темпото и ефективноста на целокупниот процес на пристапување.
„Реформските мерки предвидени во ПЕР се на линија со приоритетите во соодветните поглавја на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ 2021-2025, која во моментов ја ажурираме како клучен стратешки документ на земјата за следење и спроведување на ЕУ агендата, но и се дел од тематските приоритети и стратешки одговори во програмирањето на новата генерација на претпристапна помош, ИПА 3. Комплементарноста на сите овие документи е обезбедена, што претставува уште еден показател за подготвеноста на Северна Македонија во процесот на европеизација“ - рече Дсек Габер.
Состанокот беше посветен на спроведувањето на насоките за политики усвоени заеднички на 19 мај 2020 година и клучните макроекономски и структурни предизвици и приоритетни политики на Северна Македонија во контекст на Ковид-19 кризата. Учесниците на состанокот се осврнаа и на новите реформски чекори, како од аспект на макрофискалните политики, така и за структурните реформи за поддршка на одржливо опоравување од кризата.
Видео средбата со членовите на оценската мисија на Европската Комисија за Програмата на економски реформи 2021 – 2023 година ја водеа Мирјам Феран, директор на Директоратот за стратегија во ДГ НЕАР, Џорди Курел, директор на Директоратот за мобилност на работна сила во ДГ ЕМПЛ и Андрaш Тари од ДГ ЕКФИН, а од македонска страна учествуваа и министерот за финансии Фатмир Бесими, кој е координатор на процесот на изработка на Програмата на економски реформи, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, министерката за образование и наука Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, директорот на Фондот за иновации Коста Петров и заменик-министерот за економија Зоран Маневски.