Новости
вторник, 15 декември 2020 09:53
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров денеска се обрати на Националниот инвестициски комитет со кој претседаваше Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.
На состанокот беше истакната важноста од имплементација на проектите предвидени во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, усвоен од Европската комисија, како и единствената листа на инфраструктурни проекти, а се направи и ревизија на единствената листа на проекти за да се утврди кои од нив соодветствуваат со Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ, кој ќе мобилизира финансирање до 9 милијарди евра за Западен Балкан во рамките на новиот инструмент за претпристапна помош наречен ИПА III.
Вицепремиерот Димитров во своето обраќање посочи на идните планови на Владата во поглед на имплементација на проектите во приоритетните 5 области: транспорт, животна средина, енергетика, социјална и дигитална трансформација, токму во периодот на транзиција од ИПА II кон ИПА III, кога се разгледува и агендата за капитални инвестиции во согласност со новините во ИПА III и Економскиот инвестициски план.
„Се одлучивме за покредибилна, подинамична и попредвидлива инвестициска агенда со зајакнато политичко управување, со цел да создадеме отпорна економија на предизвици како пандемијата, економија која ќе има сила да се избори со ненадејните удари, но и одржлива, социјално праведна и неутрална во однос на климатските промени“, истакна Димитров, додавајќи дека „овие предизвици ќе ги надминеме со зајакнати напори во спроведувањето на структурните реформи, надминување на структурните слабости и зајакнување на конвергентноста во овие тешки времиња.“
Националниот инвестициски комитет е советодавно тело во кое на транспарентен начин се рангирани стратешки проекти, пред сè во делот на инфраструктура, енергетско и транспортно поврзување на земјите од Западен Балкан и ЕУ, заштита на животната средина, социјалната и дигиталната инфраструктура, како клучен фактор за раст и отворањето на нови работни места во регионот.