Новости
понеделник, 14 декември 2020 05:07
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со првиот заменик-претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, и со зaмeник-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, и со заменик-претседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров, денеска одржаа прес-конференција на која ги презентираа остварувањата од работењето на Владата во првите 100 дена.
Заменик-претседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров во своето експозе потцрта дека во првите 100 дена, меѓу другото, Секретаријатот за европски прашања после една цела декада се навраќа на систематска подготовка на националната верзија на европското законодавство и дека започна преведувањето на европското acquis на македонски јазик.
„Ова е една од обврските на пристапниот процес, по чие заокружување македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата. Ве уверувам дека спроведувањето на реформската агенда нема да застане без разлика на пречките или предизвиците. Реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на јавната администрација и секторските политики продолжуваат. Донесени се стратегии, испратени на коментари до ЕК закони кои транспонираат европски акти, се зајакнуваат административните капацитети за транспозиција и имплементација на акито“, истакна заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Димитров.
Тоа се промените што ќе бидат видливи преку конкретни проекти од повеќе области кои ќе ја поттикнат европеизацијата на нашата Македонија како процес што без разлика на сите околности се движи само во една насока – напред кон членство во ЕУ.
„Има предизвици, има понекогаш побавно темпо од тоа какво ние би сакале, но нема алтернатива и нема друг правец. Само напред. Ќе си ја донесеме Европа дома“, рече заменик-претседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров во своето обраќање на прес-конференцијата по повод првите 100 дена од работењето на Владата.