Новости
среда, 14 октомври 2020 03:27
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски пршања, Никола Димитров, денеска оствари средба со амбасадорот на Чешка во Северна Македонија, Мирослав Томан, на која беа реафирмирани одличните билатерални односи и силната поддршка за нашата европска иднина.
ЗПВ Димитров: „Отворената и јасна чешка поддршка за нашиот евроинтегративен пат е поддршка за сигурноста, стабилноста и просперитетот на целиот регион. Благодарни сме на Чешка и на Вишеградската група за нивната ангажираност Западниот Балкан да биде дел од европското семејство“.
Димитров се заблагодари и за помошта добиена во контекст на пандемијата и беа разгледани можностите за заеднички пристап во борбата против социо-економските последици.
Соговорниците за време на средбата се осврнаа и на исполнувањето на реформската европска агенда на земјава, заеднички беше констатирано дека Северна Македонија оствари значителен напредок во спроведување на потребните реформи и унапредување на добрососедските односи, што беше нотирано и во неодамнешниот Извештај на Европската комисија.