Денес во Брисел, потпретседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров оствари средба со Оливер Вархеји, еврокомесар за соседство и проширување, на која во посебен фокус беа следните чекори на европскиот пат на нашата земја, вклучувајќи го усвојувањето на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Вицепремиерот Димитров се заблагодари на тимот на еврокомесарот Вархеји за вложените напори од страна на Европската комисија во светло на отпочнување на преговорите со Унијата, како и за економската помош што Северна Македонија ја добива во контекст на сузбивање на последиците од пандемијата.
Двете страни го потенцираа значењето на периодот што следи, суштински за европската иднина на Северна Македонија, во кој што државата ќе покаже нагласена политичка заложба и ќе ги впрегне целокупните капацитети за натамошна испорака и имплементација на реформи во клучните области, со цел напредок за нејзините граѓани.
Димитров: “Спремноста, визијата и посветеноста на нашиот тим за реализирање на овој стратешки национален интерес ја потврдува потребата за следниот историски чекор на нашата европска агенда – отпочнување на пристапниот процес.”
Комесарот Вархеји информираше за напредокот во финализирањето на Економската програма за развој и инвестиции во земјите од регионот на Западен Балкан, што веќе за време на мандатот на оваа Комисија се очекува да испорача опипливи резултатати кои што директно ќе влијаат и ќе бидат од полза на граѓаните во Северна Македонија и во регионот.