Новости
четврток, 18 април 2019 16:39
Државната
секретарка на Секретаријатот за европски прашања г-а Калинка Габер на 16 и 17
април 2019 година оствари посета на Атина, Р. Грција, каде оствари средба со Генералниот
секретар за европски прашања на Министерството за надворешни работи на
Република Грција, г-дин Панајотис Павлопулос.
На состанокот се
дискутираше формирањето на Заедничкиот комитет помеѓу двете земји кој е
предвиден со Акцискиот план за интензивирање и зголемување на соработката меѓу
Република Северна Македонија и Грција, потпишан на 02 април 2019 година од
страна на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и
претседателот на Владата на Република Грција, Алексис Ципрас.
Заедничкиот
комитет кој ќе биде составен од претставници од двете земји на паритетна основа
ќе се фокусира на зајакнувањето на соработката во областите предвидени со Акцискиот план и Меморандумот
за соработка за забрзување на процесот на интеграција на Република Северна
Македонија во Европската Унија потпишан од страна на ЗПВРСМ Османи и
алтернативната МНР на Република Грција Анагностопулу.
Потенцијални
сектори за соработка, каде што ќе може да се очекува експертиза од страна на
Република Грција, се економските области, попрецизно поглавјата од европското
законодавство посветени на: слободно движење на стоки, трговско право и
финансиски услуги; инфраструктура, животна средина и одржлив развој, односно
поглавјата кои што се однесуваат на: транспорт, енергетика, животна средина и
регионална политика; индустрија, технологија и иновации, поконкретно
дигиталната агенда и поглавјата што се однесуваат на: претпријатија и
индустриска политика, наука и истражување, образование, култура и млади и
социјални политики; како и реформата на јавната администрација преку
обезбедување конкретна помош и поддршка во градење капацитети на јавниот
сектор, способен да одговори на предизвиците во процесот на пристапување во ЕУ.
Државната
секретарка Габер на состанокот потенцираше дека овој заеднички комитет ќе биде
од клучно значење за темелно поставување на структурата која понатаму ќе биде
должна на техничко ниво да работи на постигнување на целите во процесот на ЕУ
интеграција, искажувајќи уверување дека работата на Комитетот ќе придонесе кон дополнителна
интензивна соработка и развој на билатералните односи помеѓу двете земји.
Павлопулос и
Габер на состанокот се договорија наредната средба за дефинирање на структурата
и начинот на функционирање на Заедничкиот комитет на двете земји да се одржи во
мај, во Република Северна Македонија.