Новости
вторник, 26 јули 2022 02:04
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и државната секретарка Дрита Абдиу-Халили денес остварија раборна средба со Министерот за надворешни работи на Португалија, Жоао Гомес Кравињо, на која разговараа за отворањето на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, како и предизвиците кои ја очекуваат земјава во претстојниот период.
- На 19 јули се случи историски исчекор во нашиот евроинтеграциски процес- ја одржавме прватa Meѓувладина седница и ги отпочнавме преговорите за полноправно членство во ЕУ, рече Маричиќ на средбата, информирајќи го министерот Кравињо дека последниот предлог на француското претседателство беше предмет на широки национални консултации со политичките партии, медиумите, граѓанското општество, експерти, граѓаните, и конечно беше одобрен од страна на Собранието по неколкудневна дебата.
За претстојниот период на средбата беше потенцирано дека земјава останува посветена на одржување на позитивното портфолио - како што е потврдено во најновите извештаи на ЕК за земјите, но и во меѓународни рангирања како што се ГРЕКО, Фридом Хаус, Транспаренси Интернешнел, итн, како и дека нивото на транспонирање на правото на ЕУ сега изнесува 45%.
Вицепремиерот Маричиќ посочи дека напорите за обезбедување непречено одвивање на преговарачкиот процес во сите негови аспекти ќе бидат насочени преку ревизија на преговарачката структура, изнаоѓање модел за учество на граѓанското општество во процесот, дополнително ќе бидат зголемени капацитетите за преведување на правото на ЕУ на македонски јазик во наредниот период - вклучително и лингвистичка, стручна и правна ревизија и верификација на преведените акти на ЕУ, а предвидено е и создавање механизми за транспарентна и навремена комуникација со граѓаните.