Новости
вторник, 17 мај 2022 03:08
На 11 мај 2022 година претставници на Секретаријатот за европски прашања предводени од Драган Тилев, државен советник и член на Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања остварија работна средба со претставници на Шведската агенција за меѓународна помош (СИДА), предводени од Микел Атерхог, Шеф на одделот за развојна соработка. На средбата присуствуваа и претставници на Канцеларијата за сервисни услуги на ОН (УНОПС), предводени од Марко Вујичиќ, програмски менаџер на УНОПС.
За време на средбата се дискутираше за поддршката на Кралството Шведска за процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија, но и за важноста и придонесот на билатералната помош за спроведување на реформтие која доаѓа од Шведска.
Во овој контекст Тилев посочи дека Шведска отсекогаш била голем поддржувач на пристанувањето на земјата во Унијата и еден од најважните партнери во земјата и единствата земја членка на ЕУ која обезбедува билатерална помош која се фокусира на широк спектар на области кои вклучуваат и прашања од хоризонтален карактер како што се борбата против корупцијата. заштитата на животната средина, родовата еднаквост и правата на ранливите категории на лица.
„Земјата веќе долго време е во овој процес и веќе две децении ја имплементира Спогодбата за стабилизација и асоцијација и како резултат на тоа веќе имаме задоволително ниво на усогласеност на националното законодавство со правото на ЕУ. Знаеме дека не чека уште многу работа за да се усогласиме си сите правила и стандарди на ЕУ. Нашиот фокус ќе биде на спроведување на реформите и градење на административните капацитети за да можеме ефикасно да ги спроведуваме законите. Секако, почетокот на пристапните преговори ќе обезбеди дополнителен поттик и забрзана динамика во спроведувањето на реформите“, нагласи Тилев
Микел Атерхог ја потврди принципиелната поддршка на Шведска за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија, нагласувајќи дека ова прашање уште повеќе добива на значење со руската агресија на Украина. „ И покрај сите предизвици поврзани со економската и енергетска криза кои се рефлектираат и на шведската економија, нашиот најголем фокус и главен приоритет на шведската меѓународна помош и во наредниот период останува во регионот, бидејќи спроведувањето на реформите пред сé придонесува за развој на земјата“, потенцираше Атерхог.
Двете страни разменија мислења и за тековната поддршка која се спроведува во рамките на проектот „Поддршка за напредок на Северна Македонија“, кој е кофинансиран од Шведска и Норвешка, а се имплементира од Канцеларијата на УНОПС Скопје во координација на СЕП. Соговорниците изразија задоволство од постигнатите резултати и се согласија дека овој механизам на соработка е многу флексибилен, со што се овозможува брзо да се насочи помошта согласно приоритетите и потребите на процесот.