Новости
четврток, 12 мај 2022 05:43
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на денешното „Преземање“ на Владата од страна на младите, кое претставува завршна активност од регионалната младинска конференција #ThinkForward: YOUth Action NOW!, организирана од Делегацијата на ЕУ и Europe House, им порача да бидат јасни во нивните цели, гласни и позитивни во креирањето на вредностите.
- Младинската компонента мора да ја задржиме во регионалната соработка, но и во целиот процес на интеграција во ЕУ. Работењето со младите е дел од вредностите на ЕУ, затоа е важно да се одржи младинскиот активизам жив и размената на младите исто така, затоа што тие се клучниот елемент на европската иднина на државата, рече Маричиќ пред младите од регионот.
Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ говореше и за младинските перспективи во евроинтеграцискиот процес и можностите кои им се достапни на младите во Северна Македонија, посочувајќи ја важноста од стекнувањето лични искуства, како најдобра алатка и корист за иднината, а го истакна и значењето на младинскиот активизам, охрабрувајќи ги младите луѓе да останат активи во општеството.
- Мој совет до младите е да останат активни во општеството затоа што најголем дел од денешните креатори на политики, пред 15-20 години биле млади активисти во општеството. Кога во себе ќе ја замислите идејата и потребата да бидете дел од општеството, таа никогаш нема да заврши, посочи вицепремиерот.