Новости
понеделник, 13 декември 2021 02:54
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски пршања Никола Димитров денеска оствари проштална средба со амбасадорот на Чешка во Северна Македонија, Мирослав Томан.
Вицепремиерот Димитров му се заблагодари на амбасадорот во заминување за силната и принципиелна поддршка на Чешка како стабилен и кредибилен партнер на земјата и регионот и искрената заложба за успех на интегративниот пат кон ЕУ.
Димитров: „Низ Вашето делување во Северна Македонија беше потврдена посветеноста на Чешка кон промовирање и одбрана на европските вредности, вклучително и солидарноста манифестирана во контекст на справувањето со пандемијата и нејзините последици. Се надевам дека за време на чешкото претседавање со Советот на ЕУ ќе имаме уште поблиска соработка и тоа во фаза на преговори за што токму Чешка е меѓу најгласните поддржувачи“.
Амбасадорот Томан, елаборирајќи ги постигнувањата за време на неговиот мандат, ги истакна одлучните и зрели чекори на Северна Македонија во реформскиот процес и укажа дека почетокот на пристапните преговори е повеќе од заслужен.
Соговорниците изразија желба за одржување и унапредување на одличните билатерални односи и исполнување на заедничките стратешки цели, при што вицепремиерот Димитров му посака личен успех во идните ангажмани на амбасадорот Томан, како и просперитет на земјата и нејзините граѓани.