Новости
четврток, 22 јули 2021 06:05
На првиот ден од неформалниот состанок на министрите за европски прашања, организиран од словенечкото претседателство, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска во Љубљана оствари средби со словенечкото претседателство и високите претставници на земјите членки на ЕУ во Советот за општи работи (ГАК).
Вицепремиерот Димитров беше пречекан од државниот секретар во МНР на Словенија и актуелен претседавач со ГАК - Гашпер Довжан, при што беше истакната важноста од постигнување одлучен исчекор и заеднички успех во европското досие на Северна Македонија за време на словенечкото претседавање.
Димитров: „Заедничкото минато со Словенија се надоврзува на стремежот за градење заедничка, европска иднина. Приоритетот на словенечките пријатели за следните шест месеци од нивното претседавање со ЕУ, покрај пријателска поддршка за нас и регионот, претставува и принципиелен однос во полза на кредибилноста на самата Унија’.
Во светло на заедничкиот интерес за заокружување на процесот на обединување на Европа, вицепремиерот Димитров разговараше и со латвискиот министер за надворешни прашања Едгарс Ринкевичс и словачкиот заменик министер и државен секретар за европски прашања Мартин Клус. Беше реафирмирана поддршката за отпочнување на преговори со оглед на фактот дека Северна Македонија ги исполни сите услови. Тие се согласија дека е потребен итен исчекор во процесот на проширување на Унијата.
По билатералните средби, вицепремиерот Димитров ќе учествува на неформалната вечера на шефовите на делегации од Западен Балкан, во организација на кабинетот на Претседателот на Владата на Република Словенија.
Билатералната агенда на Димитров продолжува утре со средби со претставниците на Франција, Ирска, Италија, Луксембург, Финска, Литванија, Естонија, Шведска и др, по пленарните сесии на неформалниот ГАК состанок.