Новости
среда, 01 декември 2021 12:03
На покана на Владата на Црна Гора, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денес учествуваше на регионалната конференција посветена на европската иднина на регионот „Западен Балкан: Иднината на Европа е наша заедничка агенда“.
Вицепремиерот Димитров истакна дека за надминување на застојот во процесот на проширување, регионот треба да испрати јасна порака поткрепена со конкретни дела.
Димитров: „Колку повеќе зборуваме во еден глас, толку погласно ќе одекне нашата порака и подалеку ќе се слушне. Во главните градови на ЕУ, вестите од една држава од регионот влијаат на перцепциите за целиот Западен Балкан, треба да покажеме дека можеме да работиме заедно и да ги надминеме отворените прашања. ЕУ пак, од своја страна, треба да докаже дека ја разбира стратешката важност на проширувањето со земјите од регионот. Ако зајакнувањето на отпорноста на Унијата е една од точките што ја засегаат иднината на Европа, тогаш токму регионот е виталната точка за остварување на оваа цел. Успехот на европското досие на Северна Македонија е клучно ако сакаме европскиот политички билет да биде добитен.“
Настанот беше организиран во соработка со Германската организација за меѓународна соработка (ГИЗ), при што поздравни обраќања имаа премиерот на Црна Гора - Здравко Кривокапиќ и претседавачот со Советот на ЕУ – Гашпер Довжан, додека пак во дискусијата учествуваа и вицепремиерката на Косово Доника Гервала, главната преговарачка за Црна Гора Зорка Кордиќ, главниот преговарач за Албанија Зеф Мази и други високи претставници од регионот.