Новости
среда, 04 мај 2016 16:26
Денеска, 04.05.2016 год. во просториите на Секретаријатот за европски прашања се одржа презентација на ревидираната Национална програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА) за 2016 година, пред aмбасадорите на земјите членки на ЕУ во Република Македонија.
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми, на почетокот накусо се осврна на актуелната политичка ситуација, нагласувајќи ја потребата од брзо наоѓање на излезно решение. При тоа тој истакна дека наша единствена алтернатива за обезбедување на европската иднина на земјата е спроведување на демократски, кредибилни избори чии што резултати ќе бидат широко прифатени. Воедно, од круцијално значење е, натамошна агресивна имплементација на Итните реформски приоритети, обезбедување на препораката на ЕК за почеток на пристапните преговори, продлабочување на добрососедските односи, решавање на отворените билатерални прашања и секако продолжување со проактивен и позитивен однос кон сите регионални иницијативи и воопшто регионалната соработка – додаде Адеми.
Околу овогодишната Национална програма за усвојување на европското право, која го покрива периодот 2016-2020, Адеми подвлече дека од 2006 година наваму, Владата на Република Македонија и нејзината администрација, под координација на СЕП, а врз основа на наодите и препораките на Извештајот на Европската комисија, подготвува сеопфатна ревизија на НПАА, од сите аспекти, политички, правни, административни и финансиски.
Ревизијата на НПАА за 2016 година го задржува истиот методолошки концепт за подготовка на овој документ. Посебно внимание беше посветено на поврзувањето на приоритетите на НПАА со Итните реформски приоритети и Планот на активности,реализација на итните реформсми приоритети (ПАРИРП), вклучувајќи ги и целите на Пристапниот дијалог на високо ниво, Економската реформска програма (ЕРП) и Стратегијата за Југо-Источна Европа 2020.
Потпретседателот Адеми истакна дека нашите партнери во овој заеднички процес се ЕУ институциите и претставниците на земјите членки и дека секој совет и помош од нивна страна во функција на напредокот во постигнувањето на нашите евроатлански аспирации, искрено ги цениме и ги сметаме за добронамерни.