Новости
среда, 27 април 2016 18:09
Денеска, 27.04.2016 год. во просториите на Македонска Академија на Науките и Уметностите, пред Претседателот на МАНУ, Академик Таки Фити, и другите членови на Советот за евроинтеграции на МАНУ, Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми ја презентираше Национална програма за усвојување на правото на ЕУ, за периодот 2016-2020.
ЗПВРМ Адеми во своето воведно обраќање даде кус осврт на овогодишната НПАА, која како и секоја година, од 2006 година наваму, Владата на РМ и нејзината администрација, под координација на СЕП, ја подготвува, опфаќајќи ги сите аспекти, политички, правни, административни и финансиски, врз основа на наодите и препораките на Извештајот на Европската комисија.
Ревизијата на НПАА за 2016 година го задржува истиот методолошки концепт за подготовка на овој документ, односно содржински ги опфаќа секторските планови за усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ, потребната динамика за јакнење на институциите за спроведување на законодавството, како и неопходните ресурси за реализација согласно препораките во Извештајот на ЕК за Македонија за 2015 година и обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација- истакна Адеми
Посебно внимание беше посветено на поврзувањето на приоритетите на НПАА со Планот на активности за реализација на Итните реформски приоритети (ПАРИРП), вклучувајќи ги и приоритетите од Пристапниот дијалог на високо ниво, Економската реформска програма (ЕРП) и Стратегијата ЈИЕ2020.
Во своето обраќање вицепремиерот Адеми истакна дека, во насока на соработката помеѓу нашите две институции, МАНУ и СЕП, се нуди можност НПАА како сеопфатен документ и неговите прилози да бидат користени од страна истражувачките институти на МАНУ и неговите членови, за продлабочување и насочување (селекција) на теми за натамошни анализи. Од друга страна, Советот, би можел да ги селектира приоритетни области и специфични теми, за кои во одредена динамика, би можеле да се подготвуваат куси или продлабочени анализи на актуелните политики, да се организираат научни или широко отворени дебати и да се подготвуваат насоки, предлози, коментари од корист за извршната, законодавната и/или судската власт, како и за граѓанскиот сектор.