Новости
среда, 20 април 2016 20:09
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми денеска престојуваше во прва официјална посета на Република Словенија. Во рамки на посетата тој се сретна со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Република Словенија, г. Карл Ерјавец.
За време на средбата соговорниците се осврнаа на билатералната соработка помеѓу двете земји за која беше оценето дека е на исклучително високо ниво и дека двете земји имаат стратешко партнерство кое се карактеризира со континуирана поддршка за процесот на ево-атлантска интеграција на Македонија. Исто така беше заклучено дека постојат услови за понатамошно продлабочување на соработката во сферата на економските односи и трговските односи.
Во однос на актуелната политичка состојба во земјава, двајцата соговорници потенцираа дека е од исклучителна важност во наредниот период и особено наредните неколку денови, да се преземат сите неопходни активности за надминување на моменталната состојба. Соговорниците се согласија дека на Македонија и се потребни демократски и кредибилни избори, во насока на политичка разрешница и фокусирање на имплементацијата на Итните реформски приоритети, односно продолжување на евро -атлантската траекторија.
Во однос на миграциската криза беше истакната позитивната и конструктивна улога на Република Македонија во справувањето со истата и нејзиниот придонес за спречување на обидите за нелегален премин на македонско -грчката граница. Улогата на Македонија беше оценета како многу значајна и како јасен придонес кон сеопштиот план на ЕУ за справување со миграциската криза.
Соговорниците се осврнаа и на значењето на добрососедските односи и регионалната соработка, особено и во контекст на Берлинскиот процес, реализацијата на договорените мерки во Виена и подготовките на Парискиот самит. Беше потенцирано дека билатералните спорови не треба да ги попречуваат земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ.
Во рамки на посетата на Словенија, вицепремиерот Адеми оствари работна средба и со госпоѓа Дарја Бавдаж Курет, државен секретар во Министерството за надворешни работи и со нејзиниот тим.