Новости
четврток, 13 февруари 2020 14:06
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар
Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров во рамки на денешната
посета на Француската Република остварија средба со Амели де Моншален,
Министерка за Европа и претставничка на Република Франција во Европската Унија.
Во фокусот на разговорот беа европските интеграции на Република Северна
Македонија, а во контекст на неодамнешното објавување на документот на
Европската комисија за зајакнување на пристапниот процес.
„Навистина претставува охрабрување срдечноста и пријателството со кое сме
дочекани во Париз, што недвосмислено говори за пријателските односи кои ги
имаме со Француската Република и нејзина искрена поддршка за нашиот напредок во
ЕУ. Пораките се јасни: новата методологија претставува добра основа за земјите
кои се искрено подготвени за реформски напредок, што е добра вест за граѓаните
кои очекуваат резултати, а поголем предизвик за политичарите кои ќе мора
повидливо, и транспарентно да ги испорачаат; преземаме дополнителна обврска да
продолжиме со испораката на резултати како основа за содржаен и квалитетен
извештај на Европска комисија во февруари, потврдувајќи ја нашата определба
преку заслуги да го оствариме нашиот напредок во европските интеграции“ -
истакна Османи.
МНР Димитров ја подвлече потребата да се дозаврши работата дома во смисла
на донесување на Законот за ЈО. На ваков начин ќе се отстрани секаков вид на
изговор и подготвени ќе ги пречекаме дискусиите во Советот. Таму, уверени сме
дека може да се најде решение врз основа на новата методологија на ЕК. Таа
обезбедува посилно политичко управување и вклученост на земјите членки во
процесот. Ќе продолжиме решително по реформскиот пат и блиску сме до целта!
Во рамки на посетата ЗПВРСМ Османи и МНР Димитров претходно остварија
средба со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на претседателот Емануел
Макрон,и со пратеничката Мариел де Сарнез, која воедно е и претседател на
Комисијата за надворешна политика во Националното собрание, а планирано е да се
сретнат и со генералниот секретар за европски прашања при Владата на Франција,
Сандрин Годен.
Денешната посета на Француската Република на ЗПВРСМ Османи и МНР Димитров
се одвива во период на засилена дипломатска и државна активност, во врска со
остварувањето на стратешката цел за добивање на одлука за почеток на
пристапните преговори.