Новости
петок, 11 октомври 2019 11:09
Во рамките на работната посета на Италија, Заменик претседателот на
Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи,оствари средба со
Претседателот на Комитетот за односи со земјите од Западен Балкан во
италијанскиот Сенат, Лучијано Далфонсо
"Брзата ратификација на протоколот ќе претставува значаен импулс
за севкупните интегративни процеси во земјава, но и дополнителна шанса да ја
достигнеме амбицијата за заокружување на овој процес во рамките на Лондонскиот
самит на почетокот од декември", истакна Османи, посочувајќи на значењето
на овие процеси не само за земјата, туку и за целиот регион.
На средбата Османи од Далфонсо доби уверување дека протоколот за НАТО
ќе се најде на следната пленарна седница на Сенатот, која се очекува следната
недела, со што Република Северна Македонија и формално ќе добие зелено светло
од Италија за приклучување кон евроатланската алијанса.
Во рамките на посетата на Италија, Османи ќе оствари средба и со Министерот
за европски прашања на Република Италија, Винченцо Амендола, каде
ќе стане збор за европските
перспективи на Република Северна Македонија, и поддршката од Република Италија во
пресрет на одлуката за почеток на преговорите на Самитот на ЕУ наредната
недела.
Посетата на Италија преставува дел од европската турнеја на
Вицепремиерот Османи, за посета на европските метрополи, а во пресрет на состанокот
на Советот на ЕУ наредната недела.