Новости
четврток, 15 август 2019 14:15
Заменик
претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамки
на работната посета на Република Финска оствари одделни средби со Министерката
за европски работи, Тути Тупураинен и Министерот за надворешни работи, Пека
Хависто.
Главна тема
на средбите беа очекувањата и перспективите на Северна Македонија во
претстојниот период, како и активностите и поддршката од страна на Република
Финска во рамките на финското Претседателство со Европската Унија, а во
контекст на претстојната одлука за почеток на преговорите во октомври оваа
година.
„Финска е стабилен и
долгогодишен поддржувач на процесот на проширување, но на денешните средби
направивме чекор повеќе - јас добив силно уверување од министрите за нивната
активна улога во претстојниот период, во рамките на нивните надлежности како
претседавачи на Европската Унија, за успешна финализација на процесот на
европски интеграции на земјата преку одлуката за старт на преговорите со ЕУ во
октомври оваа година“ истакна Османи, реафирмирајќи го притоа ставот на Владата
за целосна посветеност кон европската агенда, со силна мотивација за
отстранување на сите потенцијални пречки кои би можеле да го загрозат овој
процес.
Во своето обраќање за
медиумите Османи направи осврт и за последните случувања во земјата израсувајќи
уверување за подготвеност и зрелост на институциите да покажат цврстина и да го
спроведат принципот на владеење на правото. „Покренатата постапка за случајот
"Рекет" од страна на Јавното обвинителство е потврда дека системот е целосно
функционален, и очекувам во овој процес да нема отстапки за никого, што
претставува единствениот услов да ја вратиме довербата кај граѓаните, но и да
ја оправдаме дадената доверба кај нашите пријатели и поддржувачи во Унијата,
како што е Финска“ истакна Османи.
Во рамките на посетата на
Финска, Османи одржа средби и со претставниците на „Големиот Комитет“ (Grand
Committee) во рамките на финскиот парламент, предводени од Првиот заменик
претседател на парламентот, Јани Макела, како и во Директоратот за автономија и
еднаквост, при Министерството за правда на Република Финска, каде оствари
средба со Корина Таменма, висока претставничка за јазичните прашања.