Почитувана г-ѓа Шекеринска,
Почитуван г-дин Мисини
Почитуван амбасадоре Орав,
Почитувани пратеници и членови на Националниот Совет за ЕУ интеграции
Дозволете ми пред се да се заблагодарам за поканата на денешната седница да ја образложам целта, структурата и содржината на годинешната ревизија на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА) , усвоена од страна на ВРМ на 30.12.2013 година.
Сметам дека ваквиот вид на расправи има огромно значење, од повеќе причини:
- Една од клучните препораки во годинешниот извештај за остварен напредок е потребата од обезбедување на широк национален консензус за европската интеграција, па сметам дека денешната расправа претставува добра можност да придонесеме кон промовирањето на консензуалниот пристап.
- Важно е да се обезбеди инклузивност и транспарентност на процесот, односно обединување на сите субјетки во државата. Јавноста треба да биде информирана за донесените одлуки, причините за нивното носење, користа, како и трошоците кои би произлегле од нив. Дополнително, би сакал да информирам дека пред дискусијата во Собранието, СЕП организираше расправа по ревизијата на НПАА и со претставниците на граѓанскиот сектор, со цел да се слушнат нивните забелешки и коментари.
- Се придонесува кон градење на дијалогот и подобрување на квалитетот на документот- процесот на усогласување на законодавството треба да претставува постојан дијалог меѓу Владата и Собранието. Оттука, забелешките и заклучоците кои ќе се добијат од страна на Националниот совет и Комисијата за европски прашања, а се во духот на НПАА , соодветно ќе бидат земени предвид.
- Досегашното искуство покажува дека воглавно забелешките се однесуваат на областите кои се дел од исполнувањето на политичките критериуми...Овие сугестии се важни, бидејќи истите допринесуваат кон унапредување на принципите на владеење на правото и човековите права, но сметаме дека Собранието би можело да даде значаен придонес и во оние поглавја кои имаат обемен корпус на законодавство, оние поглавја кои во извештаите на ЕК се посочуваат како области каде е постигнат ограничен напредок, како и оние поглавја кои во процесот на преговори ќе бидат “тешки“. Треба да се има предвид дека НПАА претставува сеопфатен документ, па оттука да не се ограничуваме единствено на “политизираните“ поглавја.
Во однос на целта на НПАА, би сакал да истакнам дека таа го претставува клучниот документ на ВРМ преку кои се отсликуваат приоритетите во процесот на усогласување на националното законодавство и зајакнувањето на институционалните капацитети согласно Копенхашките и Мадридските критериуми.
лучни елементи при ревизијата на НПАА беше да се пресретнат наодите од Извештајот на ЕК за 2013 година и Стратегијата за проширување 2013/2014 година, да се обезбеди натамошно исполнување на приоритетните реформски цели од Пристапниот дијалог на високо ниво, да се обезбеди натамошна реализација на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и да се обезбеди натамошно усогласување со европското законодавство.
НПАА 2014 претставува осма ревизија по ред, што значи дека зад нас е големо искуство, постигнат е значаен степен на усогласност, но и многу лекции се научени. Имајќи го предвид ова, би сакал накратко да споделам со вас што е она што ја разликува годинешната ревизија на НПАА од претходните циклуси:
- Беше направен напор за подобрување на структурата, јасноста и стилот на документот и клучните пораки кои се сака да се испратат.
- Планираните приоритети и активности, се повеќе насочени кон имплементацијата и спроведувањето на веќе транспонираното законодавство, односно, создавање на убедлив доказ за ефикасно спроведување од страна на институциите. (околу 78 % од активностите се однесуваат на оптши активности, додека на законодавни отпаѓаат околу 18 %)
- Направено е поврзување на НПАА со оските на Country strategy paper и со Стратегијата на ЈИЕ 2020.
- Активностите од НПАА се многу повеќе насочени кон развојна компонента, односно, алоцирани се повеќе буџетски средства, вклучувајќи и за развојни проекти, во однос на претходните години.
- Конечно, ќе настојуваме да обезбедиме засилен мониторинг од заинтересираните страни- оваа година на веб страната на СЕП покрај наративниот текст на НПАА објавени се и матрицата на цели и активности, листата на правните акти кои треба да бидат донесени, дистрибуцијата на човечки ресурси, проектираните буџетски средства, проектираната ИПА и друга странска помош, потребите за TAIEX обуки). Истото ќе значи можност за поголем притисок од страна на заинтересираните страни, и ќе допринесе кон зајакнување на респонзивноста и одговорноста на стручното и политичкото ниво за реализација на зацртаните цели.
Во однос на содржината и визијата на НПАА, би можело да се истакне следното:
- Програмата ја следи структурата на Копенгхагенските и Мадридските критериуми, односно ги опфаќа следните делови: Политички критериуми, Економски критериуми, Способност да се преземат обврските кои произлегуваат од членството и Административен капацитет.
Во однос на активностите предвидени во областите тесно поврзани со исполнувањето на Политичките критериуми фокусот останува да биде на приоритетните области од Пристапниот дијалог на високо ниво:
- Како една од клучните активности е потребата од продолжувањето на работата на Работната група за спроведување на препораките од Извештајот на Комисијата за испитување на настаните во Собранието од 24.12.2012 година. Имајќи го предвид значењето на оваа активност за целокупниот процес на европска интеграција, ја користам оваа прилика да упатам апел да се вложат максимални напори за да се надминат разликите и Работната група да продолжи со својата работа.
- Во делот на изборите, фокус е ставен на ефикасна организација и спроведување на Претседателските избори 2014 согласно измените на Изборниот законик, како и на активностите за подобрување на постапките за водење на Избирачкиот список.
- Заради надминување на забелешката од неколку последователни извештаи по однос на фрагментацијата на правната рамка за државната и јавната служба, беше предвидено донесувањето на нови закони за административни службеници и за вработени во јавниот сектор (усвоени во јануари 2014).Во наредниот период, предизвик ќе биде нивната доследна имплементација, како и целосната примена на начелото на заслуги, независност и професионалност. Исто така се планира и нов Закон за општа управна постапка.
- Слободата на изразување/слобода на медиуми останува клучен приоритет при што веќе се унапреди законодавството со усвојувањето на измените на двата медиумски закони согласно барањата на Здружението на новинари. Главниот предизвик за наредниот период е продолжување на дијалогот со медиумите во однос на преостанатите отворени прашања (транспарентноста на владиното рекламирање, подобрување на професионалните стандарди на медиумските работници, соодветната примена на член 10 од Европската конвенција за човекови права од страна на судиите, новинарската етика итн).
- Натамошниот развој на правосудството останува да биде еден од приоритетите. Во соработка со ЕК, ќе се развие Акциски план за зајакнување на независноста на судството, реформите во кривичниот систем, граѓанското право, управната постапка, електронска правда, медијацијата итн. Ќе се пристапи и кон допрецизирање на системот за утврдување на дисциплинска одговорност на судиите и тековниот систем за оценување кое како негативна забелешка се повторува во неколку последователни извештаи.
- Во делот на антикорупциска политика ќе се работи на досието на случаи од корупција, вклучувајќи ги и високите случаи на корупција. Ќе се следи судирот на интереси и имотната состојба. Ќе се предвиди законска заштита на пријавувачите на корупција, а ќе се преземат и серија на активности за соодветна имплементација на новиот Закон за кривична постапка (јакнење на човечките ресурси во јавното обвинителство, подобрување на ИТ структурата и поврзаноста итн).
- Во однос на унапредувањето на почитувањето и заштитата на заедниците, фокусот ќе биде на имплементација на препораките содржани во Извештајот за спроведување на политиките од Охридскиот рамковен договор, со посебен фокус на прашањата поврзани со децентрализацијата, недискриминацијата, правичната застапеност, употреба на јазици и образование. Планирани се и активности за унапредување и подобрување на економско- социјалната состојбата и социјалната вклученост на Ромите и усвојување на нова Национална стратегија за Ромите. Исто така ќе се работи и на континуирано подобрување на правичната застапеност на помалите заедници, со посебен акцент на правична застапеност на високо ниво.
- Во делот за спроведување на процесот на децентрализација, како важен сегмент на ОРД ќе продолжат активностите за спроведувањето на политиките за рамномерен регионален развој, комплетирањето на процесот на фискалната децентрализација, како и трансферот на услугите на локално ниво.
- Во делот на човековите права ќе се работи на подобрување на условите во просториите за задржување во полициските станици и подобрувањето на условите во затворите и притворските одделенија.
- Унапредувањето на односите и соработката со земјите од соседството и јакнењето на регионалната соработка се меѓу клучните приоритети на надворешната политика. Република Македонија и понатаму ќе настојува културолошките и идентитетските прашања во односите со Република Бугарија, со меѓусебно почитување да ги претвори во елементи на зближување и поврзување. Ќе се продолжи со проактивниот и иницијативен пристап за унапредување на добрососедските односи со Република Грција и интензивирање на билатералната соработка во сите области од заемен интерес. Во однос на решавањето на наметнатиот спор за името, Република Македонија ќе продолжи со конструктивниот бона фиде пристап и иницијативност.
- Во однос на активности кои се тесно поврзани со принципит на владеење на право, би сакал да информирам и за клучните активности во однос на поглавјето 24 Правда, слобода и безбедност , а кои се однесуваат на натамошно усогласување на националното законодавство со Шенгенскиот граничен код, воспоставувањето на базата за странци, вопоставувањето на Националниот координативен центар за борба против организиран криминал.
Во областа на Економските критериуми:
- Претпристапната економска програма (ПЕП) 2014-2016 предвидена за месец јануари, беше усвоена од страна на ВРМ.
- Од аспект на адресирање на предизвиците поврзани со невработеноста, дефинирани се активните програми и мерки за вработување за 2014 година, со посебен акцент на млади лица, планирана е подготовка на ревидиран Акциски план за вработување на млади. Во областа на намалување на сивата економија, планирана е изработка на Акциски план за намалување на сивата економија и имплементација на ИПА проект за борба против непријавената работа.
- Од аспект на способноста за справување со притисокот од конкуренцијата и пазарните сили во рамки на ЕУ, ќе се изработи Програма за подобрување на конкурентноста со што директно се адресира барањето од Стратегијата за проширување 2013. Дополнително, ќе се изработи и Акционен план за подобрување на глобалната конкурентност.
- Согласно препораките од Стратегијата, ќе се донесе и Стратегија за развој на јавната внатрешна финансиска контрола за периодот од 2014 до 2016 година (подетално уредено во поглавјето 32 финансиска контрола)
- Од аспект на зајакнување на врската помеѓу стратешкото креирање на политики и годишно буџетско планирање, на среден рок планирани се активности за дефинирање на среднорочна буџетска рамка.
- Ќе се донесе и имплементира нова Национална стратегија за развој на мали и средни претпријатија во Република Македонија 2014-2020.
Во однос на способноста за исполнување на обврските од членството, би сакал да информирам за следното:
- со годинешната ревизија предвидено е донесување на 57 закони и 117 подзаконски акти, во кои е предвидена транспозиција на преку 110 ЕУ мерки.
Согласно направената анализа од страна на СЕП, најголем дел од активностите од НПАА разбирливо отпаѓа на поглавјето животна средина. Ова поглавје е, и ќе биде едно од најтешките во процесот на пристапување кон ЕУ, имајќи во предвид дека се работи за област за која се потребни најголеми финансиски средства.
- Предвидено е усогласување на законодавството со ЕУ законодавството во повеќе области како што е квалитетот на водите, отпадот, индустриското загадување , заштитата на дивата фауна и флора, хемикалии, генетски модифицираните производи , заштитата од бучава итн.
- Ќе биде донесена Национална стратегија за животна средина и климатски промени, со што ќе се адресираат забелешките од страна на ЕК за потребата од сеопфатен стратешки документ.
- НПАА Ревизија 2014 предвидува и активности за зајакнување на институционалните капацитети на централно и локално ниво за имплементација на законодавството за животна средина и климатски промени.
- Предвидена е надградба и одржување на мрежите за мониторинг на реките, изградба на колекторски системи, каскаден систем на реката Вардар, пречистителни станици во 6 општини (Ѓорче Петров, Прилеп, Гевгелија, Струмица, Глумово и Шишево) итн.
Согласно НПАА 2014, најголем дел од законодавните активности се предвидени за поглавјата кои се однесуваат на политиките на земјоделство и безбедност на храната, но тука треба да се има предвид дека во оваа област и обемот на европско законодавство е и еден од најголемите
- Така, предвидено е усогласување на правната рамка со ЕУ мерките кои се однесуваат на органски производи, со релевантните политики на ЕУ во однос на нус производите од животинско потекло, како и подобрување на стандардите за безбедност на храната . Ќе бидат донесени измени на Законот за благосостојба на животните, а предвидено е и дорегулирање на областа во делот на фитосанитарна политика.
Во однос на поглавјата поврзани со внатрешниот пазар, би можело да се одвојат следните активности:
- Предвидено е усогласување на законодавството во делот на безбедност на производите, донесување на нов Закон за услуги со цел транспозиција на директивата за услуги, измена на кривичното законодавството за заштита на конкуренцијата, усогласување на законодавството со директивата на ЕУ за законска ревизија на годишните сметки, усогласување на законодавството во делот на финансиските услуги, јакнење на јавната свест за правата од индустриска сопственост, подготовка на програма за конкурентност , иновации и претприемништво, целосно транспонирање на Директивата 2007/64/EЗ од областа на платните услуг, надградување на електронскиот систем за јавни набавки итн.
Покрај овие, би сакал накратко да се осврнам и на активностите кои се предвидени во неколку други поглавја, кои во процесот на пристапување се означени како многу тешки.
- Во делот на транспортна политика и трансевропски мрежи , предвидена е ратификација на повеќе спогодби за меѓународен патен сообраќај, активности за модернизација на наплатните станици, имплементација на програмата за железничка инфраструктура, реконструкција на дното на Охридското езеро итн. Земјата во континуитет ќе продолжи со изградба, односно реконструкција на патните, железничките и енергетските коридори кон соседните земји и такви активности се предвидени во НПАА2014.
- Во делот на Енергетика , ќе се овозможи отворање на пазарот за електрична енергија за сите потрошувачи на електрична енергија (освен домаќинствата), почнувајќи од 1 април 2014 година. Ќе се работи на усогласување со Третиот Енергетски пакет на ЕУ за енергија, а предвидено е доуредување на законската рамка во делот на обновливи извори на енергија.
- Во поглавјето на Вработување и социјална политика , предвидено е јакнење на капацитетите и размена на искуства за имплементација на трудовото законодавство, за справување со непријавената работа, промовирање на еднаквите можности на жените и мажите и принципот на еднаквост и недискриминација
Имајќи предвид дека во рамките на оваа расправа не може да се опфати целокупната НПАА, би сакал да завршам со осврт кон приоритетите на кои останува да се работи во иднина со цел да се обезбеди поголем квалитет на програмирањето и имплементацијата на НПАА:
- Јакнење на капацитетите за среднорочно планирање- сеуште најголемиот дел од активностите се со краткоркочен рок на реализација – 70 % од предвидените активности се со рок на реализација 2014
- Да се посвети особено внимание во оние поглавја каде со извештајот е нотирано дека не е постигнат напредок , односно не е постигнато задоволително ниво на усогласеност со европското законодавство (слободно движење на работници, регионална политика и координација на структурните инструменти, безбедност на храна, социјална политика и вработување , финансиска контрола).
- Со цел да се обезбеди оддржливост на постигнатиот степен на усогласеност на националното законодавство со законодавството на ЕУ (потврдено и со Стратегијата за проширување) да се обезбеди фокусот на интерес да не биде единствено на реализацијата на политичките критериуми, туку и на мерките и активностите предвидени во поодделните поглавја.
Ви благодарам,