Говори
вторник, 27 мај 2014 13:30
Почитувани гости,
Ректор на Универзитет Св. Кирил и Методиј, Проф. д-р Велимир Стојковски
Ректор на Универзитет на Југоисточна Европа - Проф. д-р Замир Дика
Ректор на Државен Универзитет во Тетово - Проф. д-р Вулнет Амети
Ректор на Универзитет Св. Климент Охридски - Проф. д-р Златко Жоглев
Проректор на Универзитет Св. Апостол Павле – Проф. д-р Иван Бимбиловски
Проректор на Универзитет Гоце Делчев – Проф. д-р Емилија Јаневиќ Ивановска
Почитувани колеги,
Денес, за првпат во историјата на процесот на европска интеграција, потпишуваме Меморандуми за соработка со 6 универзитети од Република Македонија. До сега сме соработувале со најголем дел до универзитетите, повремено, спорадично, но секогаш со успех.
Идејата за склучување вакви Меморандуми за соработка е во насока на дефинирање и насочување на соработката кон остварување на нашите надлежности и мандати а во поддршка на евро-атлантските интеграции.
Оваа соработка е во смисла на подобрување на способностите на двете страни во овој Меморандум за соработка, на администрацијата и академската заедница, во тој реформиски процес на приближувањето кон ЕУ, на јакнењето на административните и институционалните капацитети и инволвирањето на академската заедница, низ разнородни облици на соработка и партнерство, во процесот на европска интеграција.
Конкретно, Меморандумот опфаќа 4 точки:
• соработка и изработување заеднички проекти за истражување, дебати и предавања и заедничко аплицирање за нивно финансирање во земјата и во странство,
• стажирање на студенти во Секретаријатот во рамки на образовните програми кои ќе се изведуваат во доменот на европската интеграција,
• соработка во однос на воспоставената активност нa Секретаријатот за доделување стипендии за државни и јавни службеници за магистерски студии од областа на Европската унија и европската интеграција на универзитетите во Република Македонија, во согласност со Законот за Буџет на Република Македонија и другите важечки закони, мандатот на Секретаријатот, годишните стратешки планови, како и добрата практика воспоставена досега од страна на Секретаријатот во доделување стипендии,
• отворање на ЕУ инфо катчиња на универзитетите, односно респективните катедри кои ги реализираат студиите поврзани со процесот на европска интеграција.