Говори
вторник, 27 мај 2014 12:08
Екселенции, поканети гости, драги пријатели,
Пред да започнам би сакал да посветиме момент за молитва во чест на над 250 нигериски ученички кои беа киднапирани минатиот месец од страна на милитантните сили бидејќи девојчињата сакаа да учат и за луѓето од Украина по огнените напади во Словјанск и Одеса. Исто така, би сакал да се потсетиме на жртвите од војните во поранешна Југославија, Балканскиот полуостров, Европа и светот. Придружете ми се во едноминутно молчење.
Ви благодарам.
Поминаа 69 години од завршувањето на војувањето во Европа и 64 години од смелиот план на францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, за создавање на Европската заедница за јаглен и челик. Шуман напиша „Здружувањето на производството на јаглен и челик... ќе ги промени судбините на оние региони кои долго време беа посветени на производство на муниција за војување, од кое тие беа најчести жртви.“ Европската заедница за јаглен и челик го искористи Француско-германскиот економски потенцијал кој беше попречуван со години поради нетолеранција, немири и крвопролевање. Шуман, во неговата историска декларација, додаде дека „Европа нема да се изгради одеднаш или според еден единствен план. Таа ќе се гради преку реални достигнувања кои првенствено создаваат де факто солидарност.“
Оваа солидарност, преку единствен пазар кој овозможува слобода на движење на лица, стоки, услуги и капитал, е реално достигнување кое го славиме денес како Европска унија и нејзините земји-членки, а над 500 милиони граѓани ги избираат нивните нови претставници кон крајот на месецот.
Драги пријатели,
Ќе се сложиме без сомнеж, дека најголемото постигнување, е улогата која Европската Унија ја имаше во донесувањето на мир помеѓу земјите членки и придонесот за глобален мир преку Евро-атлантскиот концепт.
Граѓаните на Македонија исто така би сакале да бидат дел од овој успех и ние имаме многу да кажеме за нашата заедничка и просперитетна иднина во поголема Европска Унија. Како земја-кандидат, членството во Европската унија останува стратешки економски и безбедносен приоритет за граѓаните на Република Македонија и силно посакуваме да го започнеме процесот на преговори заедно со Турција, Црна Гора и Србија, како што е препорачано, по петти пат, од страна на Европската комисија. Македонската економија, бизнисите и граѓаните ќе имаат корист од членството во ЕУ преку повисокиот животен стандард, побезбедните потрошувачки стоки и промовирањето на демократските вредности и фундаменталните права.
Оваа година одбележува десеттата годишнина од спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската унија и бидејќи спогодбата беше планирана да биде завршена за десет години, Македонија е подготвена да продолжи кон втората фаза од нејзиното спроведување со признавањето дека е направен достаточен напредок во мојата земја во однос на спроведувањето на нејзините политички, економски, административни и регионални заложби.
Пристапувањето кон Европската унија на мојата земја е исполнето со предизвици, вклучувајќи го и билатералниот спор за името со Република Грција, но ние остануваме посветени на идеалите на Унијата и реформите во областите на слободата на печатот, меѓуетничките односи, владеењето на правото и реформата на јавна администрација, кои се потребни за полноправно членство. Во духот на вредностите на Евро-атлантската заедница ние работиме во градењето на добрите меѓуетнички односи во земјата и развој на добри односи со нашите соседи.
Драги пријатели,
Пет години по победата на континентот над фашизмот, смелиот план на Шуман за обединување на производството на јаглен и челик не беше гарантирано дека ќе успее. Упорноста, посветеноста и финансиската помош, како Маршаловиот план, од европските сојузници придонесоа за неговиот успех. Навраќајќи се кон европските вредности кои се слават денес, мораме заедно да ги надминеме препреките кои го попречуваат патот на мојата земја кон полноправно членство во Европската унија и НАТО, наоѓајќи решенија кои ќе обединат наместо да поделат; кои поддржуваат учество наместо поделба; и, кои поттикнуваат вклучување наместо исклучување.
Смелото креирање на мирна, демократска и просперитетна Европа од страна на ЕУ, која се протега од Атлантскиот океан до Црното море и од Норвешкото море до Медитеранот ги вклучува и нациите од Западен Балкан, како што стои во Солунската декларација од 2003 година и како што се потврди повторно вчера за време на Министерската Конференција ЕУ-Западен Балкан во Солун, Македонија е одлучна при наоѓање на разумни решенија кои во моментов го попречуваат нашиот процес на пристапување. Шуман наведе дека, „Светскиот мир не може да се сочува без правење на креативни напори пропорционални на опасностите кои го загрозуваат.“ Потребата од „пропорционални креативни напори“ за донесување на мир и стабилност одекнува и 64 години подоцна.
Честитки за Европската унија на овој Ден на Европа! Светот слави со тебе со признание за мирот, можноста и стабилноста кои ги симболизираш.