Целта на оваа помош е да им се понуди техничка експертиза на земјите кои ги користат европските фондови, со цел да се зголеми квалитетот и квантитетот на проектите кои се испраќаат кон Европската комисија. JASPERS инструментот е насочен кон забрзување на апсорпцијата на расположливите фондови преку добро подготвени проекти кои воедно се прилагодени на ЕУ регулативите.
JASPERS е заеднички напор на Европската комисија, Европската инвестициска банка (EIB), Европската банка за обнова и развој (EBRD), Германска развојна банка (KfW). Овој инструмент е фокусиран на помагање на 13 земји членки на европската унија од Централна и Западна Европа (Бугарија, Чешка, Кипар, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Малта, Полска, Романија, Словачка и Словенија) и од 2011 година Хрватска при поднесување на проекти за грантово финансирање преку структурните и кохезивните фондови. Сепак во наредниот период и согласно досегашното позитивно искуство, поддршката ЈАСПЕРС ја проширува и на ИПА земјите, па во тие рамки и на Република Македонија.
Со ЈАСПЕРС управува Управен комитет. Управниот комитет го сочинуваат двајца претставници од Генералниот директорат за регионална политика, двајца претставници од ЕИБ, двајца претставници од ЕБРД и еден претставник со статус на набљудувач од KfW. Надлежноста на ова тело е да ги следи и одобрува Акциските планови за ангажирање на ЈАСПЕРС во земјите и да ги одобрува и ревидира главните политики на делување на ЈАСПЕРС.
Цели, видови на поддршка и сектори опфатени со JASPERS
- Целта на ЈАСПЕРС е зголемување на нивото на квалитет и квантитет на проектите со кој што би се овозможила максимална апсорпција на расположливите фондови. Исто така ЈАСПЕРС помага со својата експертиза кон побрзо одобрување на проектите од страна на Комисијата и/или од националните авторитети.
- При имплементација на годишните акциски планови, JASPERS тесно соработува со земјата корисник односно Оперативните структури, при што земјите корисници остануваат сопственици на проектите и поголемиот дел од техничката работа како и процесот за аплицирање е под нивна одговорност.
- Советување на земјите корисници во врска со развојот на концептот и структурата на проектот и подготовката на самиот проект (финансиска анализа, прашања околу животната средина, планирање на набавки и итн.)
- Ревизија на проектната документација: i) предфизибилити или концептуална фаза (дава совети за подготовка на мастер планови, помага во развој на проектен концепт во согласност со ЕУ регулативите и помага во подготовката на Проектните задачи (ToR) за подготовка на студија за изводливост); ii) студии на изводливост (дава методолошка поддршка за време на подготовката на студијата за изводливост и му помага на крајниот корисник во прифаќање на резултатите од студијата); iii) фаза на подготовка на апликација (поддршка за финализирање на нацрт апликацијата и соодветните анекси пред истите официјално да се испратат на одобрување во ДГ за регионална политика); iv) имплементација (поддршка при финализирање на тендерските документи) и v) хоризонтални прашања (дава поддршка при третирање на хоризонтални прашања кои се од интерес на повеќе земји кориснички на пример државна помош, заштита на животна средина, анализа на трошоци и користи, научени лекции, добри пракси итн..).
Дополнителни информации по однос на овој инструмент, вклучувајќи ги и можностите кои истиот ги нуди за Република Македонија може да се најдат на следниот линк:
http://www.jaspers-europa-info.org/