Новости
понеделник, 25 март 2019 11:43
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар
Османи, оствари средба со скопскиот бискуп и предводник на Римокатоличката
црква во Република Северна Македонија, Киро Стојанов, а во пресрет на посетата
на земјава на поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск.
„Вистинска чест е што папата Франциск ќе ја посети Северна Македонија,
како симбол на нашата општествена и цивилизациска ориентација кон Европа и
западните вредности. Особено задоволство е што Папата ќе го посети Скопје,
родниот град на Мајка Тереза, како признание за нашиот придонес во светската
хуманоста, солидарноста и добрината“ истакна Османи на средбата, посочувајќи на
традиционално добрите релации меѓу различните религиски заедници во Република
Северна Македонија, вклучувајќи ја тука и римокатоличката религиска заедница.
На средбата беа разменети информации за начинот на кој ќе се организира
средбата, при што Вицепремиерот Османи изрази уверување дека Владата ќе
обезбеди соодветен третман и сета логистичка поддршка за успешно организирање
на посетата. „Оваа посета, покрај значењето за претставниците на
римокатоличката заедница, е од особено значење и за целата држава и Владата со
своите активности ќе одговори соодветно на нивото потребно за организирање на
оваа посета“ истакна Османи
На средбата беа отворени и прашањата за соработката на религиските
заедници во Република Северна Македонија и претставниците на државата, како и
односите меѓу самите религиски заедници и нивната меѓусебна соработка, при што
соговорниците упатија на дијалог меѓу заедниците и државата со цел изградба на
функционално мултиконфесионално општество.