Новости
среда, 19 септември 2018 17:57
Во своето обраќање државната секретарка Габер го нагласи круцијалниот момент во кој што се наоѓа државата од аспект на евроатлантската иднина, особено важноста на поддршката која што ја добиваме од нашите меѓународни партнери, пред се" Европската комисија и земјите членки на ЕУ.
Во продолжение таа потенцираше дека Владата во изминатиов период успешно одговори на предизвиците во однос на спроведувањето на реформите во земјата, како и во однос на затворањето на отворените прашања со соседите. При тоа накратко се осврна на клучните резултати во приоритетните области како што се правосудството, реформата на разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
“Сметам дека сите можеме да бидеме задоволни од развојот на настаните изминатата година и пол, со оглед на тоа што успеавме да ја вратиме земјата на вистинскиот и неповратeн пат кон евроатланската интеграција” – истакна Габер.
Во тој контекст, Владата ќе остане фокусирана на реформите како во приоритетните области кои се опфатени во новиот План 18, - на краткорочните приоритети од сите поглавја кои произлегуваат од Годишниот извештај за земјата од април 2018 година, како и среднорочните приоритети во ревидираната верзија на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ 2019-2021.
“Постигнатиот напредок беше потврден и со заклучоците од Советот на ЕУ, кои беа потврдени и од Европскиот совет, при што се определи јасна можност за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 година. Следствено на ова интензивно се работи на формирање на преговарачката структура и на подготовка за скрининг процесот, кој почнува за десетина дена со поглавјето 23-правосудство и фундаментални права”- додаде Габер, потенцирајќи дека администрацијата има долгогодишно акумулирано искуство кое ќе биде од исклучителна важност во овие процеси.