Новости
четврток, 13 септември 2018 12:56
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со Министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати.
На средбата беа отворени темите за предизвиците со кои двете земји се соочуваат при приближувањето кон Европската Унија, како и за развојот на билатералните односи меѓу двете земји.
„Посетата на г-нот Бушати, во овој исклучително важен период за земјава, во време кога се носат историски одлуки за нашата иднина, и неговата поддршка за нашата евроатлантска аспирација, ја сметам за акт на пријателство, од страна на Република Албанија кон Република Македонија”- истакна Османи, изразувајќи ја притоа благодарност на Владата, но и личната благодарност за придонесот во справувањето со тековните предизвици на земјава.
„Двете земји добија јасната и прецизна временска рамка за почеток на преговорите со Европската Унија во јуни следната година, вклучувајќи јасни и прецизни насоки и забелешки за успешност на тој процес, што претставува дополнителен поттик за зајакнување на и онака добрата соработка меѓу двете земји“ – истакна Османи, посочувајќи ги притоа засилување на меѓусебна поддршка во справувањето со предизвиците за европските интеграции; продлабочување на меѓусебните односи, за кои беше наведено дека се на исклучително високо ниво; како и интензивирање на билатералната соработка во областите на транспортната, енергетската и економската размена.
„Во духот на пријателството и добрососедските односи, од г-нот Бушати побарав и добив уверување дека, Албанија, како земја – членка на НАТО, ќе ја искористи оваа позиција за да ѝ помогне на земјава на патот кон нејзиното полноправно членство во северно-атлантската алијанса“ – истакна Османи, посочувајќи притоа на искуството на Република Македонија во рамките на процесот за Стабилизација и Асоцијација, особено на искуството на Секретаријатот за Европски прашања, како на значаен потенцијал за размена со колегите од Албанија
Во рамките на средбата, двајцата соговорници се согласија активно да ја поддржат и трилатералната иницијатива за регионот на Преспа на еврокомесарот Јоханес Хан, со која, трите земји, Македонија, Албанија и Грција, ќе ги отворат локалните граници и ќе ја поддржат програмата за заштита и развој на регионот.