Новости
четврток, 26 јули 2018 16:50
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања оствари средба со Амбасадорот на Народна Република Кина, Јин Ликсиан.
Вицепремиерот Османи изрази благодарност за поддршката што Народна Република Кина ја обезбедува за Република Македонија, особено во овој клучен период за нашата земја, кога партнерството и помошта од нашите најблиски билатерални партнери, како Народна Република Кина, е од огромно значење.
За време на средбата соговорниците се осврнаа на проектната соработка помеѓу двете земји во изминатата декада, која се реализира во рамки на договорите за економска и техничка соработка кои се потпишуваат најчесто на годишно ниво. Посебен акцент беше ставен на програмските активности за соработка во рамки на потпишаниот Договор за економска и техничка соработка во декември минатата година за обезбедување на грант - помош помеѓу Република Македонија и Народна Република Кина. Со овој Договор беа обезбедени нови неповратни финансиски средства од Владата на Народна Република Кина за поддршка на проекти во Република Македонија, при што примарен приоритет ќе биде даден на секторот здравство.
“Преку оваа соработка, не само што се поддржуваат развојните цели на нашата држава, туку се унапредува и севкупната соработка помеѓу Република Македонија и Народна Република Кина, што е важен сегмент во продлабочувањето на нашите меѓусебни односи“ – додаде Османи.
За време на разговорот Вицепремиерот Османи изрази благодарност и задоволство што покрај инфраструктурните проекти, тековно се спроведуваат и билатерални семинари во НР Кина за претставници од националните институции, во насока на зајакнување на човечките ресурси во администрацијата во различни области, и дека продолжувањето со истите ќе придонесе во унапредувањето на соработката помеѓу двете земји и на ова поле.