Билатерални донатори
Програмата за економска соработка (ПСО) претставува поддршка на процесот на транзиција кон пазарно ориентирана економија во единаесет земји во Источна Европа, преку трансфер на холандска деловна експертиза, технологија, стоки и услуги во секторите во кои Холандија е една од водечките земји во светот. Во рамките на оваа програма, во Република Македонија се финансирани 29 проекти, од кои 27 како поддршка за приватниот сектор, 2 студии и 2 програмски/институционални проекти, во вкупен износ од 16,7 милиони евра.
При генералното преструктурирање на програмите за развојна соработка, кое Холандија го реализираше на крајот на 2004 година и почетокот на 2005 година, ПСО беше интегрирана во новата Програма за соработка со пазарите во подем (ПСОМ). ПСОМ почна да функционира од јули 2005 година и е наменета за поддршка на 42 земји. Вкупниот годишен буџет на Програмата е 51 милион евра.
Краток опис на ПСО-програмата:
Од вкупната вредноста на проектот (вклучува и давачки за царини и даноци), 50% (максимум до 1.5 милиони евра) од проектните трошоци ќе бидат финансирани од Програмата на основа на неповратна помош додека останатите 50% ќе бидат финансирани од проектните партнери (спроведувачот (холандска/и компанија/и) и компанија/и од земјите коишто се членки на Програмата);
Земјите-членки на програмата немаат обврска стоките увезени во рамките на проектите да ги ослободат од плаќање на ДДВ, царина, царински давачки за царинска еведенција и кои било други давачки или такси, односно истите давачки ќе паднат на товар на проектните партнери.
При формирањето на мешовита компанија која ќе биде краен корисник на проектот, помеѓу холандската компанија, која е спроведувач на проектот, и компанија од соодветната земја-членка на Програмата, се дозволува холандските компании да можат да имаат доминантен дел од акциите во истата.
Во процесот на избор на проектите првите два проекта од секоја земја кои ќе се квалификуваат (ги задоволуваат критериумите за избор) нема да бидат во конкуренција со проектите од другите земји за финансирање. Со овa се гарантира финансирање на барем два проекта од секоја земја, кои ги задоволуваат условите на Програмата. За секои наредни проекти (кои ќе се квалификуваат за избор) ќе се направи ранг-листа со другите такви проекти од другите земји, односно истите ќе се разгледуваат како конкурентни едни на други и ќе се оценуваат според нивните индивидуални квалитети, по што ќе се донесе одлука за финансирање на дел од нив во зависност од нераспределените средства од квалификуваните проекти по земји.
Во 2005 година се распиша еден повик за финансирање на проекти, додека од 2006 година има по два повика годишно.