Новости
среда, 21 февруари 2018 15:33
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со Mинистерот за надворешни работи, Никола Димитров, во рамките на Владината посета на Берлин, остварија средба со претседателот на фондацијата Конрад Аденауер, Ханг Герт Поетеринг.
На средбата, Вицепремиерот Османи ги пренесе впечатоците на Владата од новата Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година. „Стратегијата прецизно го валоризираше напредокот на Република Македонија и отвори историска можност за враќање на Република Македонија на европскиот колосек и нејзино приклучување кон динамиката 2025“ – изјави Османи. Тој додаде дека оваа шанса претставува исклучително важен поттик за Владата, но и за целото општество, кое во моментов целосно е посветено на евроинтегративните процеси.
„Се наоѓаме во исклучително важен, може да се рече, историски период, кога ни е неопходен национален и општествен консензус за конечно да го затвориме прашањето за европската и евроатлантска иднина на Македонија“, истакна Османи, додавајќи дека Фондацијата Конрад Аденауер, со својата експертиза може многу да ѝ помогне на Владата при остварувањето на инклузивноста со граѓанскиот сектор при имплементација на реформите, како и со своето влијание и авторитет, директно да влијае врз политичките партии од сите страни на политичкиот спектар, во насока на изградбата на широк национален консензус за стратешките прашања.
Средбата со претседателот на фондацијата Конрад Аденауер, Ханг Герт Поетеринг, се остварува во рамките на посетата на Берлин од страна на висока владина делегација предводена од Претседателот на Владата, Зоран Заев, во рамките на која беа остварија средби со високи претставниците на државниот врв на Сојузна Република Германија, меѓу кои и Канцеларката Ангела Меркел, како и Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер.