Новости
среда, 17 јануари 2018 16:21
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Република Албанија оствари средби со Претседателот на Албанија Илир Мета, со Претседателот на Собранието, Грамоз Ручи, како и со Претседателот на Демократската партија на Р. Албанија, Лулзим Баша.
На средбите беа отворени темите за билатералните односи меѓу двете земји, но и регионалната соработка, особено во рамките на Берлинскиот процес . Беше констатирано дека Македонија и Албанија немаат отворени прашања, што претставува одлична можност за продлабочување на односите и унапредување на економската соработка, која не соодветствува на блискоста на двете земји. „По заедничката владина седница очекувам двете земји да ги зајакнат меѓусебните односи и да овозможат услови за поголема размена и економска соработка“ истакна Османи. Тој додаде дека во Македонија се изведуваат бројни инфраструктурни проекти, особено на т.н. коридор осум, со чија финализација ќе се овозможи значително подобрување на комуникацијата и размената меѓу двете земји.
На средбите беа отворени и прашањата за европските и регионалните предизвици на земјите од Западен Балкан, при што беше потврдено дека постои напредок во комуникацијата меѓу сите земји и дека не постои алтернатива на евроатланската перспектива на целиот регион. „Имаме историска шанса да им овозможиме на народите на Балканот вистинска интеграција и приклучок кон цивилизациските текови на Европа која не смееме да ја пропуштиме“ – истакна Османи.
Претходно Османи оствари средба и со Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Дитмир Бушати, каде беа разменети мислења околу европските интеграции на двете земји, како и поддршката од страна на Албанија за членство на Македонија во НАТО.
Посетата на Тирана е дел од мини балканската турнеја која Вицепремиерот Османи ја започна со посетата на Атина на почетокот на месецов и ќе продолжи со посета на Белград, а потоа и на Софија.