Новости
вторник, 24 октомври 2017 15:15
Во текот на работната посета на Париз, Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи одржа одделни средби со Емануел Ленан, советник во Кабинетот на Премиерот Филип, Сабине Тилае, Претседателка на Комисијата за европски прашања во Националното собрание на Република Франција и со Бертранд Соре, Претседател на Франко-Македонската група во Француското Собрание.
На средбите, Вицепремиерот Османи ги информираше соговорниците за текот на спроведувањето на реформите, содржани во Планот 3-6-9, посочувајќи го притоа привршувањето на делот три од Планот 3-6-9, чија реализација завршува со завршувањето на локалните избори. Османи посочи на одличната атмосфера и услови за одржување на првиот круг од локалните избори кои поминаа во мирна, фер и натпреварувачка атмосфера, што беше потврдено во прелиминарниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР, поддржан од Делегацијата на ЕУ, амбасадата на САД, како и релевантните домашни набљудувачи.
Османи ја потврди и посветеноста на Владата за натамошно спроведување на длабоки реформи во насока на унапредување на евроатлантските процеси на земјава. „По завршувањето на локалните избори Владата се враќа на реформската агенда, и уште поагресивно ќе се посвети на мерките и активностите кои се во насока на отстранување на сите забелешки и пречки за евроинтегративните процеси на Република Македонија“ – истакна Османи. Тој додаде дека граѓаните испратија јасна порака до политичките претставници, во првиот круг на локалните избори, што претставува потврда за исправноста на евроатланската агенда на Владата .
Во продолжение, беа отворени темите за европските предизвиците со кои се соочуваат сите европски земји, без разлика дали се, или не се членки на Унијата, меѓу кои, секако е и нашата земја. Беа разменети мислења за предизвиците кои произлегуваат од мигрантската криза, напливот на политички радикализам на европското тло, заканата кон општествата поради проширувањето и влијанието на лажните вести итн. Беше оценето дека се работи за заеднички предизвици, за кои е потребно интензивирање на меѓусебната соработка, а од страна на Вицепремиерот Османи беше изразена недвосмислена волја на Република Македонија и со сопствен придонес и соработка да се вклучи во справувањето со овие предизвици.
Претходно, Вицепремиерот Османи се сретна и со Министерката за европски прашања при Министерството за надворешни и европски работи на Франција, Натали Лоазо, на која разговараше за евроатлантските перспективи на земјава и можните конкретни чекори од страна на Франција и останатите земји- членки на Унијата за поддршка на напредокот на земјата кон интеграцијата во ЕУ и НАТО.