Новости
среда, 16 август 2017 13:42
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денес се сретна со претставникот на УНИЦЕФ во Република Македонија, господин Бенџамин Перкс.
На средбата, Вицепремиерот Османи изрази искрена благодарност до Бенџамин Перкс за континуираните активности што ги спроведува УНИЦЕФ во Република Македонија, а чија главна цел е поддршка и заштита на правата на децата. „Во соработка со државните институции, граѓанското општество, но и експерти, УНИЦЕФ направи многу за подобрување на животот на многу деца во земјата, особено за најранливите категории. За тоа сме благодарни како земја, но сакам да ви ја искажам и мојата искрена лична благодарност “- изјави Османи.
Вицепремиерот Османи изрази благодарност и за огромната поддршка и улогата на УНИЦЕФ за време на мигрантската криза, преку обезбедување на помош на децата-бегалци и мигранти што минуваат низ нашата земја, водејќи сметка за нивните основни потреби како храна, вода, облека, хигиенски објекти. Тој додаде дека аспирациите на Македонија за членство во Европската унија се темелат токму на прифаќањето и имплементацијата на европските вредности, како што е заштитата и унапредувањето на правата на децата.
И двајцата се согласија за продолжување на соработката во претстојниот период и успешно спроведување на новите програмски приоритети на УНИЦЕФ за Република Македонија, 2016-2020.
Од 1993 година, кога започнува со работа, УНИЦЕФ Македонија спроведе проекти наменети за децата во вредност од повеќе од 13 милиони евра.