Новости
среда, 16 август 2017 13:39
Денес Секретаријатот за европски прашања организираше трибина со наслов „Имплементација на мерките од Планот 3-6-9 во делот на изборите“. Трибината ја отвори Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
„Aко изборите во декември можеме симболично да ги наречеме некаков нов почеток, тогаш, претстојните локални избори претставуваат завршеток на прата фаза, претставуваат пресвртна точка по која ќе можеме да оцениме дали Македонија е вратена на европскиот и евро-атлантскиот пат, или не “, рече Османи. Тој додаде дека, за Секретаријатот и за него како координатор на реформскиот план, претстојните локални избори претставуваат и круна на првиот дел - на делот 3, од Планот 3-6-9. Според Вицепремиерот, периодот непосредно пред распишувањето на локалните избори е вистински момент да се дискутира за имплементацијата на мерките во присуство на клучните институции и на граѓанските организации кои имаат долгогодишно искуство во следење на изборниот процес.
„Новото парламентарно мнозинство и новата Влада континуирано се залагаат за унапредување на изборниот процес и активно ги поддржуваат сите инцијативи кои се движат во оваа насока. Оттука и во Планот 3-6-9, првата приоритетна област се изборите, што е една од областите со најголем број мерки или вкупно 11“, истакна Вицепремиерот Османи. Тој во своето обраќање објасни пред присутните дека при дефинирањето на мерките предвид биле земени препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, со фокус кон оние кои може да се исполнат до претстојните избори без да се прават законски измени. Овој критериу истакна Османи, е поради краткиот временски период, но и заради препораките на ОБСЕ/ОДИХР, со цел да не се интервенира со измени на изборното законодавство непосредно пред одржување на изборите.
На крајот од своето обраќање Вицепремиерот Османи изрази надеж дека ќе биде постигнат и севкупен консензус за Планот 3-6-9, а ја повика и опозицијата да ги поддржи мерките од овој план, и со тоа и таа да се вклучи, да биде дел и да се вгради во претстојниот евроинтегративен напредок.