Новости
среда, 16 август 2017 13:38
Денес вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи оствари две одделни средби со амбасадорите на Кралството Шведска и Швајцарија.
На средбата со Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Теада, се разговараше за континуираната соработка меѓу двете земји. Вицепремиерот Османи нагласи дека е од голема важност што Македонија останува меѓу приоритетните земји за добивање на швајцарска помош. Новата Стратегија на Владата на Швајцарија за Македонија за периодот 2017-2020 година, како што рече Вицепремиерот Османи, претставува додадена вредност на реформскиот процес бидејќи предвидува поддршка во клучни области, како што се демократија, вработување, економски развој, инфраструктура и животна средина,
Подоцна, Вицепремиерот Османи одржа и средба со Амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон. Тој изрази задоволство од досегашната соработка на двете земји во евроинтегративниот процес. Османи се заблагодари на поддршката од Шведска за Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, преку разни програми. Шведска, изврши големо влијание врз добивањето препорака за Македонија за отпочнување на пристапни преговори за време на своето претседавање со Советот на ЕУ, како и добивањето на визната либерализација.
На средбите, Вицепремиерот Османи накусо ги информираше амбасадорите за последните неколку средби во Брисел и соседските земји, кои беа остварени во насока на откочување на целокупниот евроинтергративен процес на Македонија. Тој се осврна и на Планот 3-6-9, посочувајќи дека веќе постои општествен консензус за содржината, а имплементацијата на Планот е во одмината фаза. Тој им потврди на амбасадорите дека Планот има целосна поддршка и од јавноста и од независните институции кои треба да го имплементираат, но и дека очекува да се создаде и политички консензус, т.е. планот да добие поддршка и од опозицијата.