Новости
среда, 16 август 2017 10:42
Денес во просториите на Секретаријатот за европски прашања се одржа средба помеѓу Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и Амбасадорката на ОБСЕ, Нина Суомалаинен.
На средбата Вицепремиерот Османи истакна дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје обезбедува важна помош за Македонија, особено во областа на владеење на правото и изборните реформи, и затоа состанокот доаѓа во вистински момент, имајќи ги предвид претстојните локални избори.
Во таа насока Османи подвлече дека изборната реформа останува меѓу клучните приоритети на Владата, вклучително и адресирање на препораките наведени во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР.
Тој подвлече дека долгата политичката криза беше резултат на статус кво состојбата, предизвикана од застојот во евроатлантските интеграции на земјата. Новата Влада, додаде тој, има можност да го искористи позитивниот момент на новиот евроинетгративен импулс и повторно да го активира процесот на реформи во согласност со стандардите на ЕУ, кои се и во согласност со принципите и заложбите на ОБСЕ.
Османи исто така нагласи дека Владата ќе се фокусира и на имплементација на Охридскиот рамковен договор и решавање на отворените билатерални прашања со соседите, како важни елементи за напредок во процесот на евроатлантска интеграција.
Амбасадорката Суомалаинен искажа подготвеност да обезбеди поддршка и помош за реформскиот процес, особено во областите во кои имаат експертиза и веќе работат во земјава, како што се реформите во судството, медиумите, и секако изборите, но и други области кои се од интерес за интеграцијата на Македонија во ЕУ