Новости
среда, 16 август 2017 10:41
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи денес оствари средба со Амбасадорот на Република Италија, Карло Ромео.
Од аспект на македонските аспирации за членство во ЕУ, Вицепремиерот Османи потенцираше дека фокусот останува на исполнувањето на обврските кои произлегуваат од Итните реформски приоритети и Договорот од Пржино и очекува да се постигнат резултати, со цел да се отстрани условеноста за препораката за членство. Тој изрази надеж дека оваа позитивна енергија која сега преовладува ќе биде одржлива и ефикасно ќе се насочи кон реализација на она што го имаме зацртано како цел-членство во Европската унија и НАТО. Османи истакна дека е време да се затворат меѓуетничките прашања како и сите други отворени прашања кои се клучен елемент за остварување на нашите евроатлантски аспирации.
„Имаме голем предизвик пред нас да надоместиме за изгубеното време и се надевам дека тоа ќе го направиме во тесна соработка со сите заинтересирани страни во земјата како и со меѓународните партнери“- рече Османи. Го посочи Берлинскиот процес како добар механизам за понатамошно зајакнување на регионалната соработка и економиите на земјите од Западен Балкан. Османи нагласи дека очекуваме конкретни резултати од претстојниот самит во Трст, кој се одржува во рамките на Берлинскиот процес, и воедно е уште една потврда дека поддршката на Италија за проширување на Унијата кон земјите од Западен Балкан останува.
Вицепремиерот Османи и Амбасадорот Ромео изразија задоволство од билатералната соработка меѓу двете земји, како и меѓусебните пријателски односи, иако посочија дека има простор за нејзино унапредување со нови конкретни проекти. Двајцата соговорници се согласија дека постојниот оптимизам и јасно изразената подготвеност треба да се искористи за забрзување на темпото на реформите и откочување на евроатлантските процеси во Македонија.