Новости
четврток, 26 јануари 2017 09:52
Денес, вицепремиерот Адеми учествуваше на втората регионална конференција налсовена „ Извештаи на ЕК за земјите- Пристапни реформи за Западен Балкан“ во Подгорица, која претставува продолжение на иницијативата започната во Македонија во 2015 година. Целта на конференцијата е да се разменат искуства и предлози меѓу претставниците од земјите од регионот и Европската комисија за клучните елементи на пакетот за проширување.
„Проширувањето останува приоритет за Владата на Република Македонија додека извештаите на Европската комисија се главниот документ на кој што се базираат сите реформи кои треба да се спроведат“ рече Адеми. Исто така, учесниците на конференцијата констатираа дека е важно да се потврди европската перспектива за регионот бидејќи тоа претставува главен поттик за спроведувањето на сите неопходни реформи.
Во однос на новата методологија која Европската комисија ја применува за оценка на подготвеноста на земјите во процесот на пристапување, Вицепремиерот Адеми истакна дека овој пристап им овозможува на двете страни, на земјите кандидати и на ЕК, да имаат подобар увид во степенот на подготвеност на секоја земја одделно како и на предизвиците.
На конференцијата се дискутираше и за Берлинскиот процес и агендата за поврзување на како механизам за инфраструктурно поврзување на земјите од регионот.
На рамките на престојот во Подгорица, Адеми оствари билатерална средба со министерот за европски прашања, Александар Андрија Пејовиќ, на која се констатираа одличните односи меѓу двете држави и силниот интерес да продолжи и да се продлабочи соработката во делот на европски интеграции. Во овој контекст, особено беше посочено позитивното искуство за соработка во рамките на заедничкиот комитет Македонија- Црна Гора.
Адеми се сретна и со амбасадорот Микеле Џакомели, специјален претставник на Италија за Берлинскиот процес. За време на средбата се дискутираше за претстојните подготовки на Самитот кој ќе се одржи во Италија и се потенцираше важноста на овој процес за продлабочување на регионалната соработка.