Новости
петок, 16 декември 2016 09:47
Државниот секретар Блажеска престојува во работна посета на САД на покана на американскиот Стејт Департмент. Посетата се остварува во рамки на иницијативата Жени-лидери за мир и безбедност при што Блажеска оствари средби со бројни претставници на американските институции, меѓународни организации, тинк-тенкови и граѓанското општество.
Во Вашингтон се сретна со претставници на Министерството за одбрана и Комитетот за надворешни односи на Сенатот и учествуваше на панел дискусиите со претставници на Атлантскиот совет, Институтот за инклузивна безбедност и Институтот за мир.
Во Њујорк, Блажеска оствари посета на Организацијата на обединетите нации каде учествуваше во панел-дискусија за Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност - Жени, мир и безбедност, и се сретна со извршниот директор на Светската комисија за жени и деца бегалци, Сара Коста.
Оттаму Блажеска ја продолжи посетата во Сан Диего каде што главна тема на средбите беа миграциските движења. Во тој контекст државниот секретар ја посети американско-мексиканската граница каде што се запозна со методите за борба против нелегалната миграција и криминалните активности поврзани со миграциските движења.
Блажеска оствари средба и со шефот на полицијата на Сан Диего, Шели Зимерман, и со директорот на Транс-граничниот институт при Универзитетот на Сан Диего, Еверад Мид.
Блажеска посетата ќе ја заврши со посета на Минеаполис каде што ќе се сретне со сенаторот Ден Шоун и ќе има можност да се запознае со процесите на интеграција на мигранти, бегалци и други ранливи групи во американското општество.