Новости
петок, 14 октомври 2016 16:13
Секретаријатот за европски прашања беше домаќин на денешната Конференција на тема „Влијание на глобалните безбедносни предизвици врз Европа и Западниот Балкан и начини за справување“, што се реализираше во рамки на проектот „Одржлив систем за ЕУ обуки“ финансиран од Кралството Норвешка.
Конференцијата ја отвори Државниот секретар за европски прашања Ана Блажеска, а свои воведни обраќања имаа и министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерот за одбрана Зоран Јолевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорот на Кралството Норвешка Арне Санес Бјернстад.
Говорниците дадоа краток осврт на безбедносните предизвици со кои се соочува Македонија, од аспект на ресорот за кој е надлежен, со посебен акцент на мигрантската криза, со која иако земјата одлично се справува, сепак претставува потенцијален безбедносен предизвик за Западен Балкан и Европа.
Исто така беше потенцирано и значењето на евроатлантските интеграции на Македонија, што е од клучно значење за безбедноста на регионот. На конференцијата од аспект на безбедносните предизвици во Европа и Западен Балкан говореа и професор Шел Елиасен, директор на Центарот за европски и азиски студии во Осло, професор Фабрицио Лучоли, Претседател на АТА и генерален секретар на Атлантскиот совет на Италија, Од Бернер Малме, поранешен заменик- комесар за полиција на Норвешка и Курт Енгелн од Постојаното претставништво на Белгија во Воениот комитет на НАТО.
Соработката во рамките на Норвешката билатерална помош за Македонија продолжува и во претстојниот период, а ќе биде зајакната и со проекти во областа на безбедноста.