Новости
четврток, 12 мај 2016 16:07
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми денеска 12.05.2016 год. оствари средба со Н.Е. г. Фатос Река Амбасадор на Република Албанија во Република Македонија.
Амбасадорот Река му го честиташе на вицепремиерот Адеми назначувањето на новата функција со надеж за унапредување на досегашните достигнувања, не само во однос на процесот на интеграција туку и во однос на билатералната и регионалната соработка.
За време на средбата соговорниците разговараа за актуелната политичка состојба во земјата и за продлабочувањето на билатералната и регионалната соработка помеѓу двете земји.
Во однос на актуелната политичка состојба, која заеднички беше оценета како крајно сложена, беше потенцирано дека истата влијае врз евроинтегративниот процес на земјата и дека посебно внимание треба да се посвети на понатамошно спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на политичкиот договор и Охридскиот рамковен договор, каде што главниот фокус на сите политички актери без исклучок, треба да биде изнаоѓање на заедничко решение за излез од правната и политичката криза.
Вицепремиерот Адеми и амбасадорот Река ги поздравија одличните односи меѓу двете земји и разговараа за планирање на конкретни активности за продлабочување на билатералната и регионалната соработка во областите од заеднички интерес, преку размена на искуства во однос на процесот на интеграција како и во однос на поефикасната експлоатација на фондовите на ЕУ.