Новости
четврток, 05 мај 2016 15:35
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми денеска 05.05.2016 год. оствари средба со Маријана Петир, хрватска европратеничка и претседател на Групата пријатели на Македонија во Европскиот парламент.
Вицепремиерот Адеми се заблагодари за иницијативата на г-ѓа Перир и нејзиниот личен ангажман да ја возобнови Групата на пријатели на Македонија во Европскиот парламент, бидејќи на тој начин ќе може да се промовираат ставовите и интересите на нашата земја.
За време на средбата соговорниците се осврнаа на актуелната политичка состојба како и за билатералната соработка на нашата земја со Република Хрватска.
Во однос на актуелната политичка состојба, која заеднички беше оценета како многу сложена, соговорниците потенцираа дека наредните денови и во наредниот период, преземените чекори од наша страна треба да се движат во насока на целосно исполнување на обврските од Политичкиот договор и обезбедување на услови за спроведување на демократски и кредибилни избори. Главниот фокус на сите политички чинители, без исклучок, треба да биде изнаоѓање на заедничко решение за новонастанатата правна и политичка криза, со што би се задржал нашиот стратешки приоритет, евро-атлантската перспектива на земјата, заклучија соговорниците.
За време на разговорот вицепремиерот Адеми се заблагодари на силната поддршка која Р. Хрватска ја дава за евроинтеграцијата на Македонија и истакна дека во Секретаријатот за европски прашања, во моментов, се имплементира Твининг проект финансиран преку ЕУ, за јакнење на координативните структури за интеграција, кој се спроведува во конзорциум од три земји членки, меѓу кои и Хрватска (покрај Германија и Полска).
Европратеничката Петир, како главен говорник, зема учество на дебатата на тема „ЕУ разговори: Политиката на проширување и нејзините перспективи" во организација на Секретаријатот за европски прашања на која говореа и Вицепремиерот Адеми и МНР Попоски, а присуствуваа и дебатираа и претставници од политичките партии, државните институции, академската заедница, како и претставници на граѓанскиот сектор.