Новости
вторник, 19 април 2016 14:03
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Арбр Адеми денес оствари прва работна средба со амбасадорката на Република Франција во Република Македонија, Н.Е. г-ѓа Лоренс Оер.
Вицепремиерот Адеми и амбасадорката Оер разговараа за последните политички случувања во земјава, истакнувајќи дека исполнувањето на обврските од Политичкиот договор од страна на сите политички партии без исклучок е од клучно значење за земјата.
Вицепремиерот Адеми изрази благодарност за поддршката која Република Франција и ја дава на Република Македонија и истакна дека организирањето на Парискиот самит, кој претставува одлична можност за продолжување на соработката на земјите од регионот, е уште една потврда за тоа. Значајна е и заложбата на Франција како и нејзините ставови за продолжување на политиката на проширување со земјите од Западен Балкан независно од настаните во Унијата.
На средбата особено беше истакната и важноста за спроведување на обврските од Итните Реформски Приоритети како и целосното спроведување на Охридскиот Рамковен Договор како важен аспект за евро -атлантската перспектива на земјата.
Вицепремиерот Адеми ја увери Амбасадорката Оер дека лично ќе се залага за продолжување и продлабочување на одличната соработка меѓу двете земји.