Новости
среда, 22 јули 2020 14:36
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, и Главен преговарач со Европската Унија, Бујар Османи, денес оствари средба со Шефот на делегацијата на Европската Унија во земјава, Евроамбасадорот Самуел Жбогар.
На средбата беше разговарано за текот на изборите и пост изборната атмосфера во насока на политичката стабилност на земјата, a во пресрет на почетокот на преговорите.
„Во сложени околности под притисок на предизвиците од пандемијата имавме фер, слободни и компетитивни избори на кои граѓаните покажаа политичка зрелост, потврдувајќи ја европската перспектива на земјата“ истакна Османи, изразувајќи притоа надеж дека европската перспектива ќе биде потврдена и во пост-изборниот период при создавањето на новото политичко мнозинство.
„На земјата и е потребна стабилна и функционална Влада, со европска перспектива, која ќе може адекватно да се подготви и да ги започне претстојните преговорите со Европската Унија, како и да биде гарант за регионалната стабилност при решавање на важните регионални прашања“, посочи Османи.
Вицепремиерот изрази задоволство од постигнатиот консензус во Европската Унија за повеќегодишната финансиска рамка, поздравувајќи го притоа и зголемувањето на средствата предвидени за земјите од Западниот Балкан за 10%. Тоа, како што истакна Османи, само ја потврдува констатацијата дека Западниот Балкан сè повеќе се интегрира и сè повеќе станува внатрешно прашање на Унијата.