Говори
вторник, 14 октомври 2014 15:50
Почитуван г-дин Димовски,
Почитуван Амбасадоре Орав,
Почитувани пратеници,
Екселенции,
Дами и господа,
Како што веќе е познато годинешниот Извештај за напредокот на Република Македонија се објави пред недела дена. Верувам дека сите имавме можност до денеска да го анализираме и да ги идентификуваме клучните пораки на Европската комисија. Исто така ги слушнавме ставовите дека извештајот е реален приказ на остварениот напредок и тоа што треба да се направи во наредниот период. Токму затоа сметам дека од денеска натаму, многу повеќе треба да се фокусираме на предизвиците а многу од нив се сериозни и затоа не треба да дозволиме дефокусирање од реформската агенда.
Секогаш настојуваме да сме меѓу најдобрите, да сме први и успешни, но овој пат мора да признаеме дека не сме најдобар пример. Самокритичноста е особина на успешните, на оние што знаат дека секогаш можат да направат подобро поради што е важно да имаме ваков пристап. Верувам дека и пристапот на ЕК е токму таков,тие знаат дека Македонија може да направи и повеќе и подобро.
Дозволете, како Вицепремиер за евроинтеграции, наместо на напредокот многу повеќе да се фокусирам на она што треба да го исполниме во претстојниот период за да ја оправдаме препораката за почеток на преговорите.
Во извештајот се содржат препораки за адресирање на оние прашања кои имаат значително влијание врз процесот на Европска интеграција, како што е политичкиот дијалог, подобрување на слободата на изразување и медиумите, унапредување на независноста и компетентноста на судството со фокус на квалитетот на правдата, реформата на јавната администрација, адресирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР за изборната реформа и подобрувањето на довербата меѓу етничките заедници додека во однос на економските критериуми фокусот треба да се стави на подобрување на фискалната дисциплина и фискалната транспарентност, надминување на предизвиците во пазарот на трудот со фокус на вработеноста на младите, подобрување на деловната средина и конкурентноста.
Политичкиот дијалог останува сериозен предизвик. Фактот што сеуште недостасува отворен и активен политички дијалог не влијае позитивно на имиџот на нашата земја и сметам дека треба сериозно да го земеме во предвид укажувањето на ЕК дека имаме заедничка одговорност да ги надминеме отворените прашања и да се фокусираме на остварување на стратешките приоритети на земјата.
Ја поздравувам одлуката на ДПА да се врати во Собранието, бидејќи тоа е местото каде што треба да се води политичката дебата за сите отворени прашања.
Многу важни се укажувањата на ЕК во однос на реформата на судскиот систем, особено од аспект на зајакнување на независноста на судството и подобрување на квалитетот на правдата со цел да се зголеми довербата на јавноста во системот. Во овој поглед, во соработка со ЕК, веќе се преземаат активности за подготовка на Стратегија и Акциски план за натамошна реформа на правосудниот систем во Република Македонија (2015 – 2019) во следните области: судство, казнено -правен систем, пристап до правдата, МП и секторска политика и имплементација на правото на ЕУ, граѓанско право, управно право и ИТ – е Правда. Исто така, оваа недела се спроведува експертска мисија во соработка со ЕК во делот на дисциплинската одговорност и оценување на судии со цел релевантните законски одредби дополнително да се усогласат со европските стандарди.
Во рамките на оваа мисија ќе се разгледа и прашањето за аргументирањето на судските пресуди каде што е од суштинска важност да покажеме подобрување бидејќи истото е директно поврзано и со квалитетот на правдата.
Во однос на слобода на изразување и медиуми во тек е експертска мисија во соработка со Европската Комисија и Советот на Европа по што ќе се подготви Анализа за примената на граѓанското законодавството за клевета и навреда, за истата да се унапреди. Исто така, треба да се надминат и сите други отворени прашања со цел да се подобри медиумската клима во земјата.
Во однос на меѓуетничките односи, ќе продолжиме со напорите за понатамошно унапредување на довербата меѓу заедниците и меѓусебно почитување и толеранција пред се преку имплементација на Охридскиот рамковен договор. Охридскиот рамковен договор е основа за натамошно јакнење на мултиетничкиот карактер на нашето општество и унапредување на односите меѓу различните заедници и почитување на културните права.
Во однос на реформата на јавна администрација, со оглед на тоа што Европската комисија од оваа година фокусот го става на јакнење на административните капацитети ќе биде потребно да вложиме дополнителни напори и да идентификуваме соодветни активности со цел дополнително зајакнување на истите.
Во однос на добрососедските односи, ЕК посочува на потребата од преземање на одлучна акција за надминување на спорот со името со оглед на тоа што наведува дека има негативно влијание врз процесот за членство во ЕУ. Сепак оваа констатација не треба да се користи како изговор за евентуален застој во реформите туку како предизвик кој треба итно да го надминеме. Го поздравуваме предлогот на ЕК за проактивна поддршка од страна на лидерите на ЕУ за надминување на спорот. Исто така го делиме ставот на Комисијата дека отпочнувањето на пристапните преговори ќе придонесе кон создавање на услови за подобрување на добрососедските односи и особено за изнаоѓање на меѓусебно прифатливо решение за проблемот со името. Во тој контекст Република Македонија останува отворена за унапредување на соработката и разрешување на сите отворени прашања со соседите.
Од аспект на економските критериуми, треба да продолжиме со напорите за задржување на макроекономската стабилност на земјата. Справувањето со предизвиците на пазарот за невработеност остануваат приоритет. Зголемен е опсегот на активните мерки за вработување со фокус на младинската вработеност. Се усвои Националниот План за вработување 2014-2015 кој ги опфаќа политиките за вработување во согласност со интегрираните насоки од Стратегијата Европа 2020.
Ова се само дел од клучните препораки за Македонија. Извештајот содржи уште многу други за останатите области кои исто така треба да бидат надминати бидејќи сите тие се важни за целокупниот напредок на земјата. Добивме шеста препорака за отворање на пристапните преговори, и ова треба да ни биде не само поттик туку и дополнителна обврска да продолжиме со понатамошно спроведување на реформите.
Повторувањето на оценката за постигнат висок степен на усогласеност покажува дека земјата и администрацијата веќе долго време се подготвени за премин во следната фаза на процесот на европска интеграција, особено ако се има во предвид дека се уште ги немаме започнато преговорите за членство. Доколку сакаме земјите членки да ја земат предвид оваа препорака и Советот да донесе позитивна одлука, мораме да покажеме конкретни резултати.
Исто така, посебно ја поздравуваме подготвеноста на ЕК да продолжи со Пристапниот дијалог на високо ниво бидејќи тоа се покажа како успешен механизам преку кој се постигнаа конкретни резултати во приоритетните области како и препораката за премин во втора фаза од Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација. Сето ова е потврда дека политиката на проширување продолжува. Од нас зависи колку ќе ја искористиме можноста која ни се нуди за да се придвижиме во овој процес.
Секретаријатот за европски прашања веќе започна циклус на дискусии во однос на Извештајот со надлежните институции, академската заедница, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата со цел да се обезбеди сеопфатност и инклузивност на процесот. На следната седница на Влада ќе се разгледа Извештајот и ќе се дефинираат мерките и активностите за адресирање на препораките. Исто така ќе започне подготовката на десеттата ревизија на клучниот стратешки и програмски документ на кој работи целокупната администрација – НПАА.
Ви благодарам