Новости
петок, 07 февруари 2020 10:15
Во рамките на работната посета на Загреб, попладнево заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се сретнаа со министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, во период кога Република Хрватска е претседавач со Советот на Европската Унија во првата половина од оваа година.
Во оваа прилика, за време на изјавите по средбата, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи изјави: Содржински, документот навистина претставува одлична основа да се обезбеди еден строг, политички контролиран, но и фер процес на преговори; не само бирократското и техничко постигнување бенчмаркови, туку процес кој ќе обезбеди јасни критериуми за забрзан развој што ќе биде видлив и за земјите од Унијата, но и за граѓаните на земјите кои преговараат. Ако искрено очекуваме процесот на преговори да претставува процес кој ќе бележи опиплив, долгорочен и одрлив напредок за земјата, тогаш не треба да нѐ плаши, барем не како граѓани, можноста да се констатира уназадување, па дури и можноста за казни. Велам како граѓани, бидејќи за нас како политичари тоа значи поголем предизвик да обезбедиме видливи резултати со кои ќе мора да се одржува процесот во позитивна насока. Да бидам прецизен - Методологијата е подобра за граѓаните, а посериозен предизвик за политичарите - но тоа, ќе се согласиме е добро.
Во слична насока министерот за надворешни работи, Никола Димитров кажа: Имаме среќа што токму во овој период Хрватска претседава со ЕУ, време на предизвици но подеднакво и на можности. Се надеваме дека наскоро ќе можеме да постигнеме двоен успех преку усвојување на одлуката за почеток на преговорите и подновената методологија. Новата методологија на ЕК може да биде многу добра за оние кои ќе бидат успешни во спроведувањето на реформите но и лоша за оние кои ќе бидат неуспешни. Северна Македонија планира да биде добар студент и ќе ги искористи бенефитите од новиот пристап. Очекуваме пробив во март и ќе им помогнеме на хрватските колеги да имаат успех на Загрепскиот самит во мај.
Работната посета на Загреб се заокружи со среба на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров со претседателот на Владата Андреј Пленковиќ.