Новости
петок, 31 јануари 2020 14:58
Денес, во присуство на многу гости, претставници на
Владите на Република Северна Македонија и Република Косово, како и огромен број
граѓани, во употреба беше пуштен Граничниот премин, Белановце – Станчиќ. На
официјалниот настан, обраќања имаа Премиерот Оливер Спасовски, Вицепремиерот и
координатор на Владата за овој проект, Бујар Османи, Вицепремиерот на Република Косово, Енвер Хоџај,
како и градоначалниците на пограничните општини Липково и Гнилане.
„Не можам да го
сокријам моето лично задоволство, имајќи предвид дека е ова најважниот проект
за мене, во овој мандат како Вицепремиер. Она што пред само три години
изгледаше како отфрлен проект – одложуван и осуден на заборав; заедно со
колегата Енвер Хоџај, овде присутен, си дадовме рака - збор, дека ќе дадеме сѐ
од себе овој граничен премин да стане реалност.“ истакна Османи во своето
воведно обраќање, посочувајќи на предизвиците да се изгради заеднички објект,
на двете држави, изграден на самата гранична линија.
„Реализација на овој проект значеше усогласување на активностите со законодавствата на двете земји, координација на институциите на двете држави, но и запазување на сите европски критериуми при неговата изведба, имајќи предвид дека средствата за овој проект се обезбедени преку европските ИПА фондовите наменети за двете држави“ истакна Османи.
Османи посочи на
значењето на овој објект од неколку аспекти: Прво, за жителите на општините од
регионот, кои добиваат можност за развивање на локалната соработка и комуникација;
второ воопшто за севкупната економска размена меѓу Северна Македонија и Косово,
имајќи предвид дека се работи за целосен меѓународен граничен премин; како и
политичката димензија, за унапредување на меѓусебната размена и добрососедските
односи, како еден од најважните европски принципи за регионална соработка.